четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Генерал МекКензи: Американските сили во Сирија ќе ја продолжат борбата против ИД

Генерал МекКензи: Американските сили во Сирија ќе ја продолжат борбата против ИД

Командантот на централната американска команда, генерал Кенет МекКензи, денеска изјави дека се очекува во следните денови и недели околу 500 американски војници на истокот од Сирија да ги продолжат операциите против Исламска држава.

-Околу 500 припадници на американските сили во моментов се стационирани источно од реката Еуфрат и нивната цел е да останат на таа позиција и заедно со сојузниците од Сириските демократски сили да спроведуваат операции против Исламска држава, рече МекКензи на маргините на безбедносниот самит во главниот град на Бахреин, Манама, пренесоа британските медиуми.

ИД ги загуби речиси сите свои територии што ги држеше во Сирија, а американските сили минатиот месец го убија и нејзиниот лидер Абу Бакр ал-Багдади, иако оваа терористичка организација и натаму се смета за голема безбедносна закана.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги шокираше сојузниците во декември минатата година кога соопшти дека Вашингтон ќе ги повлече своите трупи до Сирија.

Подоцна беше соопштено дека САД ќе задржи дел од силите во североисточниот дел на земјата за да го спречи повторното заживување на ИД и нападите врз нафтените полиња.