четврток, 21. декември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Дури денес се роди првото бебе во 2020-та година во Виница, загрижува падот на наталитетот

Дури денес се роди првото бебе во 2020-та година во Виница, загрижува падот на наталитетот

Три недели по прославата на Нова Година, пристигна првороденото бебе во општина Виница за 2020 година. Се работи за девојче кое веќе го доби името Калина, а на свет ја донесе мајката Симона Соколова, која се породила во болницата во Штип.

Новата рожба, која е втора ќерка за семејството Соколови, ја честиташе градоначалникот на Виница, Ивица Димитров при што врачи пригодни подароци со желби за здравје и среќа на бебето.

– Се надеваме дека првороденото женско бебе годинава во нашата општина ќе донесе плодност и бериќет. Тоа е повеќе од неопходно со оглед на постојаното опаѓање на наталитетот. Од име на Општината подаривме пакет бебешки производи и ваучер од осум илјади денари, истакна градоначалникот Димитров.

Главна причина за падот на наталитетот во Виничко во изминатите две децении е иселувањето на населението во странство, главно млади пред да стапат во брак, но и млади брачни парови.

Трендот на опаѓање на бројот на новороденчиња во Виница го потврдија и од православниот храм „Св. Архангел Михаил“, каде во 2019 година биле крстени 103 бебиња, што е за петнаесетина помалку во споредба со претходната година.

Освен тоа, забележан е и пад на бројот на венчавки, па лани биле склучени 52 брака, за десетина помалку во споредба со 2018 година.