сабота, 16. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Скандал во српското Собрание: Долен веш и физички напад на министерка

Скандал во српското Собрание: Долен веш и физички напад на министерка

Дискусијата за измените на Законот за планирање и изградба во српскиот парламент денес протекна на работ на инцидент и физичка расправија меѓу пратениците на Српската радикална партија (СРС) на Воислав Шешељ и министерката за градежништво и транспорт, Зорана Михајловиќ од владеачката Српска напредна странка (СНС).

Речиси три часа радикалите ја обвинуваа министерката дека е шпион и предавник, дека работи против интересите на државата и дека е крајно време српскиот претседател Александар Вучиќ да ја отстрани од владата. Министерката повеќе пати беше почестена со епитетите- „крадец“, а и беа подарени и розови памучни гаќички за да, како што кажаа, да ја комплетира гардеробата. Одговорот на министерката беше дека станува збор за гола радикална лага, што беше испишано на транспарентот што го покажа од министерското место во парламентот. Радикалите потоа го скинаа транспарентот.

-Тоа што дофрлуваа радикалите јас не можам да го повторам, а потоа тројца заменици на СРС, Вјерица Радета, Филип Стојановиќ и Ружица Николиќ, дојдоа до мене и ме нападнаа. Ова е неприфатливо. Како се нарекува ова? Извинете, што друго ќе ни се случи за да кажеме дека имало насилство во Собранието, праша Михајловиќ, порачувајќи дека ќе продолжи да се бори против насилството од секаков вид, како што тоа го правела и досега. (МИА)