понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Изгласани измените на Закон за заштита од пушење

Изгласани измените на Закон за заштита од пушење

Пратениците денеска на продолжението на 11. седница ги донесоа измените на Законот за заштита од пушење, во скратена постапка. За Законот гласаа 41 пратеник, 14 беа против, а еден воздржан при присуство на 61 пратеник. На седницата не присуствуваа пратенциите од редот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во текот на дебатата по Законот беа изнесени спротивставени ставови од пратениците од парламентарното мнозинство, за потребата и ефектите од измените.

Џевад Адеми од ДУИ рече дека тој ќе гласа против Законот, и ги повика пратениците да гласат против. Според него, со овие измени и предлози на граѓанинот ќе му го загрозиме животот и животната средина, ќе го покачиме потенцијалниот број на потешки заболувања, во бизнисот ќе воведеме хаос, затоа што, вели, и досегашната законска регулатива не се почитувала.

– Ве уверувам дека доколку гласате „за“ донесување на законот за брзо време ќе бидеме приморани овие одредби да бидат изменети. Правото да го загрозиш сопствениот живот е лично, но ако е на тој што живее и работи до тебе, тоа не е до законот туку до стандардите, вредностите и до моралот. Се надевам дека ќе гласате против овие измени и за поздрава средина и поголем ред и во бизнисот на угостителството, како важна гранка на економијата. Предлозите во измените и дополнувањата се погрешни и штетни дајте да гласаме против, рече Адеми.

Лилјана Поповска од ДОМ процедурално рече дека ќе гласа против овој закон оти смета дека областа со претходниот закон беше добро регулирана.

– Не е добро да се воведува повторно стара практика и да заличуваме на балканска крчма. Мислам дека порано или подоцна ќе се вратиме повторно назад. А добрите ресторанџии одлично си ја вршат работата и при постојниот закон и не верувам дека ќе ја зголемат работата. Економски развој „да“, бизнис „да“, но не по секоја цена. И ова не го гледам како поддршка на бизнисот. Со законот терасите ќе станат дел од рестораните, рече Поповска.

Томислав Тунтев од СДСМ реплицираше дека законските измени се однесуваат на терасите и не значи намалување на рестриктивните мерки на овој закон. Според него, токму рестриктивните мерки применувани во изминатите осум години не дале резултати бидејќи бројот на пушачи не се намалил, а овие измени се во прилог на угостителството.

– Во сила останува целосната забрана за пушење во затворени објекти. Ниту едно право на непушачите не е нарушено. Се работи само за тераси, бавчи – платформи, надвор од објектот, каде и сега е дозволено пушењето. Ве повикувам да гласате по свое убедување, рече Тунтев.

Горан Милевски од ЛДП рече дека нема да присуствува на гласањето, бидејќи не го поддржува. Апелираше тоа да го стори барем уште некој од пратениците за да не се создаде кворум за гласање.

– Овие измени не враќаат чекор назад. Ако сакаме измени треба целосни измени. Ничиј профит не може да биде поважен од здравјето на граѓаните, рече Милевски и потсети дека ниту матичната Комисија за здравство не ги прифатила овие измени бидејќи четворица гласале воздржано и двајца „против“.

Против законот се изјасни и пратеникот Реџеп Мемеди кој е доктор по професија. Според него, целта на законот е заштита на здравјето на граѓаните и на животната средина, а со измените кои, вели, иако на прв поглед се мали, се чекор назад и се во спротивност со сите превентивни мерки.

За пратеничката Ивана Туфегчиќ измените се однесуваат исклучиво на објекти кои се надвор од деловните објекти, односно тераси во кои има фолии, а непушачите имаат избор да влезат внатре или да бидат со пушачите.

– Некој да ми даде аргумент кога пушењето цигари стана нелегално. Ние и како држава субвенционираме тутун. Ние носиме одлука како законодавци, а има две категории граѓани – пушачи и непушачи, и двете категории се даночни обврзници. Кампањите и кревањето на свеста е патот кон повисока рестрикција во поглед на консумацијата на цигари, меѓутоа, веднаш тргнување кон рестрикција доведе до непочитување на законот, односно институциите надлежни за почитување на законот не си ја вршат својата улога, вели Туфегчиќ.

За пратеникот Ферид Мухиќ пушењето не е болест и не постои ниту една студија која покажала каузалната поврзаност меѓу пушењето и болеста, а треба да се има предвид и состојбата со квалитетот на воздухот.

– Во истражување од 2010 година сите десет најстари луѓе на светот биле пушачи, а еден пушел од седмата година. Постои статистичка релации меѓу пушењето и здравјето, не е спорно, но каузалната релација не е докажана. Но клучната работа е дека општеството треба да почитува различни животни навика. Забраната на пушењето, на задоволството, контролата на задоволството е почеток на тоталитарна психологија. Во модерно време во Европа првата забрана на пушењето ја донесе Адолф Хитлер, на првиот ден како канцелар и се знае што следеше…Затоа јас се залагам за правата на една филозофија на заедничко живеење, на почитување на другиот, рече Мухиќ.

Со донесените измени на Законот се предвидува пушењето цигари кое и сега е дозволено во надворешниот дел од објектот – тераса, летна бавча, што е дефинирано дека мора да биде покриен и отворен од три страни, да не зависи од моменталните метеоролошки услови.

Собранието на Република Македонија претходно денеска заседаваше по 35. седница на која беа поддржани повеќе закони во прво читање поднесени од пратеници од владејачкото мнозинство, за кои општата расправа претходно е завршена.

Преостанаа уште две точки од 35. седница за кои, како што рече претседателот на Собранието Талат Џафери  во тек е усогласување со опозицијата –  Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавното обвинителство и Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка, и двата во второ читање.

МИА

Најнови вести