недела, 17. декември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Заев спротивно на закон, го назначил Нефи Усеини за член на надзорен орган на Центарот за социјална работа во Охрид

Заев спротивно на закон, го назначил Нефи Усеини за член на надзорен орган на Центарот за социјална работа во Охрид

Поранешниот премиер Зоран Заев, на неколку дена пред заминување од функцијата, на незаконит начин го поставил советникот во Советот на општина Охрид, Нефи Усеини, за член на надзорен одбор во Центарот за социјална работа во Охрид, информира Охрид24.

Имено, ваквата одлука на поранешниот премиер Зоран Заев, е во спротивност со членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, каде во ставот 4 се вели:

„Избрано или именувано лице не може истовремено да врши функција на одговорно лице или член на орган на управување или надзорен орган во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал.“

Односно, со решението е создадена состојба на кумулација, бидејќи во исто време лицето Нефи Усеини извршува избрана и именувана функција, член на Советот на општина Охрид, и член на орган за надзор во Центарот за социјална работа во Охрид, што е во спротивност со погоре наведениот член од Законот за спречување корупција и судир на интереси,објавува Охрид24.