петок, 1. март 2024. Вести денес: 0
home Живот и стил

Шест важни совети за родителите во време на коронавирусот (ВИДЕО)

Шест важни совети за родителите во време на коронавирусот (ВИДЕО)

Светската здравствена организација состави листа со шест најважни совети за родителите во оваа доба на пандемијата со коронавирусот.

Првиот и најбитен совет кој го дава СЗО е родителите да издвојат време за да го поминат само со своите деца. Тие препорачуваат во текот на денот родителите да издвојат по најмалку 20 минути за секое дете посебно. Во текот на тоа време тие ќе им дозволат на децата да изберат што ќе прават заедно. Таа активност може да биде, на пример, танцување на омилената музика.

Вториот совет е да бидат позитивни. Родителите треба мирно да разговараат со своите деца за да ги уверат дека нема да им се случи ништо лошо. Понатаму, треба да користат позитивни фрази и инструкции и да го пофалат доброто однесување. На пример, наместо да ги предупредат „Не правете неред“ може да им речат „Може ли да го средиш тоа?“.

Наредниот совет што го дава СЗО е да постават нови рутини. Тоа подразбира креирање на дневен распоред, кој ќе биде флексибилен, и да се придржуваат до него.

Понатаму, родителите треба да го забележат лошото однесување од самиот старт. Тие треба да ги научат децата на одговорност со воведување последици за секоја лоша постапка и да ги спроведат тие последици. На пример, може да им го одземат телефонот на еден час, не на една недела.

И покрај ситуацијата во светот, петтиот совет од СЗО е дека родителите треба да останат смирени и да менаџираат со стресот. Тие може да разговараат со пријателите како се чувствуваат и своите деца да ги охрабруваат да ги искажуваат своите емоции. Ако имате чувство дека сакате да се извикате, направете пауза од 10 секунди и пет пати вдишете длабоко и издишете.

Последниот совет кој имаат да им го дадат на родителите е отворено да разговараат со децата за КОВИД 19 и да знаат дека е во ред ако ги немаат сите одговори на прашањата од децата.