Активистите од Битола од почетокот на април забележале дека исчезнуваат улични кучиња од локациите на кои тие вообичаено се движат, а меѓу нив има и такви со и без ушни маркички, реагираат три битолски здруженија за заштита на животните.
Според изјавите од сведоци, ЈП „Комуналец“ заловува и убива улични кучиња со изговор дека тие претставувале опасност од ширење на коронавирусот.
-Нагласуваме дека според светските авторитети во хуманата и ветеринарната медицина – Светската здравствена организација (WHO) и Светската организација за здравствена заштита на животните (OIE) во повеќе наврати е потенцирано дека според научните сознанија до денес – не постои опасност коронавирусот да се пренесе од миленик на човек. Истото во Македонија го пренесоа и потврдија и Агенцијата за храна и ветеринарство, како и Ветеринарната комора на Република Македонија. Заловувањето на улични кучиња и нивното убивање како „мерка за превенција од коронавирусот“ претставува злоупотреба на службената должност и овластувањата и убиство на невини животни, се наведува во соопштението.
Здруженијата бараат одговор од надлежните, кој издал наредба да се заловуваат и убиваат кучињата.
-Ја информираме јавноста дека заловените и усмртени кучиња со ушни маркички беа стерилизирани/кастрирани, вакцинирани и дехелминтизирани со помош на Фондацијата Бибевски, се наведува во реакцијата.