четврток, 23. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Лајчак го извести Тачи дека ја започнал работата за посредување меѓу Приштина и Белград

Лајчак го извести Тачи дека ја започнал работата за посредување меѓу Приштина и Белград

Новиот специјален претставник на Европската унија за преговорите меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак го извести косовскиот претседател Хашим Тачи дека веќе ги започнал подготовките за посредување во идниот дијалог меѓу двете држави и дека во тој правец очекува да соработува со него, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во писмото до Тачи, кое носи завчерашен датум, а кое денеска го објавија косовските медиуми, Лајчак вели дека намерата му е да го унапреди процесот на дијалог и изразува надеж дека заедно со претставниците на двете земји ќе успеат да постигнат резултати кои се во полза на народот во Косово и во Србија.

– Намерата ми е да соработувам тесно и динамично за да го унапредиме процесот на дијалог и очекувам и од Приштина и од Белград да ја обноват посветеноста со истата решителност. Убеден сум дека со вистинска политичка волја од двете страни и низ дијалог заедно ќе ги постигнеме резултатите кон кои стремиме, во полза на народот во Косово и во Србија, пишува словачкиот дипломат.

Лајчак порача дека во време кога светот се соочува со пандемијата на Ковид-19, од големо значење е регионалната соработка и воедно ја поздрави одлуката на косовската влада за укинување од 1 април на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.

Истиот ден кога и на Тачи, на 8 април, Лајчак му се обрати со слично писмо и на вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, кој му одговори дека е подготвен да формира тим за преговори со Србија, што ќе го предводи тој самиот, а во кој, како претседател на државата, меѓу другите, ќе членува и Тачи.

Косовскиот претседател го отфрли предлогот на Курти, оценувајќи дека тоа е само една „лична желба“ на премиерот, кој со апсолутно мнозинство беше разрешен од страна на Собранието на Косово.

– Разрешениот премиер е делегитимиран од гласовите на апсолутното мнозинство на народните претставници во Собранието на Косово и не може да си презема обврски во име на институциите на Република Косово, ниту пак во име на една влада во заминување. Следствено, листата на делегацијата останува само една негова лична желба и ништо повеќе од тоа, реагира кабинетот на Тачи, забележувајќи му на Курти дека „ја прекршил уставната хиерархија“.