Научници од Лондон решението во борбата против коронавирусот го гледаат во кучињата, имајќи во предвид дека лабрадорите и кокер шпаниел расата веќе ги детектираат заболените од маларија.
Кучињата би можеле да се приклучат во борбата за спречување на ширењето на вирусот Ковид-19 кај луѓето, особено за оние кои немаат симптоми, тврди тим истражувачи од Лондонското училиште за хигиена и тропски болести.
-Доколку пректот биде успешен, кучињата во Англија до летото ќе може да го дополнуваат континуираното тестирање така што прецизно ќе укажуваат на лица кои имаат вирус и ќе може да извршуваат тријажа на дури 250 лица за еден час, изјавува Џејмс Логан кој е шеф на одделението за контрола на болести.
Според неговите зборови, поради итна потреба од тестирање на коронавирус, подготовките за интензивното вклучување на кучињата во детекција на вирусот се во тек и кучињата би можеле да бидат подготвени за ваква помош за шест недели.
-Знаеме дека болестите имаат мириси, вклучително и респираторните болести како грипот и дека тие мириси се прилично различни. Постои многу добра шанса Ковид-19 да има специфичен мирис, а ако е така, навистина сум сигурен дека кучињата би можеле да го научат тој мирис и да го откриваат, изјавува Логан.
Тој додава дека нивното претходно истражување покажало дека кучињата можат да го откријат мирисот на лица со малариска инфекција со исклучително голема точност, над стандардите на Светската здравствена организација за дијагностика.