Еврокомесарот за труд и социјални прашања Никола Шмит, по повод Први мај, порача дека Европската Комисија ги научи лекциите од кризата со Ковид-19 и вети дека ќе се гради „праведна, силна и социјална“ Европа, јави дописничката на МИА од Брисел.
Шмит по повод Меѓународниот ден на работниците, Први мај, им се заблагодари на сите работници и професионалци кои директно помагаат во надминувањето на оваа криза – здравствените работници, касиерите, чистачите, и посебно жените кои се најбројни во овие клучни професии.
– Кризата нѐ присили сите колективно да размислиме за вредноста на професиите кои ни овозможуваат да останеме здрави и безбедни и оние кои носат храна на нашите маси. Нѐ научи дека ако сакаме да излеземе од овој тежок период со посилна економија и покохезивно општество, сега е времето кога треба да оствариме напредок во социјалните права, посебно кога станува збор за праведни плати, подобри услови за работа и гаранции за еднаквост на можностите за сите, напиша Шмит.
Тој потсетува на социјалните иницијативи на Европската Комисија преземени од почетокот на кризата како воведување фонд за помош на невработените и асистенција за најранливите категории граѓани.
-Наскоро Комисијата ќе излезе со сеопфатен план за закрепнување кој ќе ни овозможи да ги рестартираме нашите економии и да го вклучиме процесот на движење кон поотпорна, поодржлива и праведна Европа, нагласи комесарот.
За Шмит е од клучна важност ЕУ да се фокусира на справување со невработеноста во наредниот период, но и со озбезбедување високи здравствени стандарди на работните места за сите.
– Треба да се бориме против сиромаштијата и детската сиромаштија преку воведување детска гаранција, треба да се осигуриме дека сите работници, вклучително и оние на фронтот на оваа криза, имаат приход кој им овозможува пристоен стандард на живеење, затоа, со нашите социјални партнери ќе продолжиме да работиме на иницијативата за минимална плата и зајакнување на колективните договори, порача Никола Шмит, додавајќи дека граѓаните “можат да бидат сигурни дека лекциите научени во овие тешки времиња целосно ќе се одразат“ во предлозите на Европската Комисија.