вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Тројца поранешни министри на СИРИЗА: Партијата е во сериозна криза

Тројца поранешни министри на СИРИЗА: Партијата е во сериозна криза

Итно свикување на Политичкиот секретаријат на СИРИЗА и одржување на Конгресот што е можно поскоро, бараат Ефи Ахциоглу, Насос Илиопулос и Алексис Харицис, пратеници од СИРИЗА и поранешни министри, велејќи дека ситуацијата во партијата е сериозна и „сите имаат одговорност за единството, а пред сè раководството на партијата“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во заедничката изјава тројцата членови на најголемата грчка опозициска партија истакнуваат дека „СИРИЗА е во многу сериозна криза“ и додаваат дека имаат обврска пред граѓаните кои ги поддржуваат, да го запрат падот на партијата.

„Политичките несогласувања постојат и затоа веќе е одредено одржување на вонреден Конгрес, кој сега треба да се забрза. Но, нашиот тек дотогаш треба да биде со почитување на нашите позиции и статутот кој јасно ги дефинира правилата на нашето работење. Не може да се карактеризира со логики на внатрешни непријатели и практики на чистка. СИРИЗА има долга традиција на внатрешна демократија со правила и почитување на процедурите. Дури и во исклучително тешки услови, потрагата по синтеза на различни мислења беше факт. За единство предуслов е колективноста, принципите и придржување до процедурите“, пишуваат тројцата пратеници од СИРИЗА, меѓу кои и Ахциоглу која беше кандидатка за партиски лидер.

Заедничката изјава доаѓа откако лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис во понеделникот избриша тројца членови на партијата, сите поранешни министри, а оваа одлука, голем дел од грчките медиуми ја толкуваа како чекор пред распад на СИРИЗА, со оглед на тоа дека по изборот на Каселакис на лидерската позиција, постојат несогласувања во самата партија.

Ден претходно европратеникот Стелиос Кулоглу соопшти дека ја напушта еврогрупата на СИРИЗА и станува независен пратеник во Европскиот Парламент.