Лошото управување со водите на Охридското Езеро донесе катастрофални последици за охридско –струшкиот регион. Поради ненавременото испуштање на вода, се дозволи Охридското Езеро да ја надмине дозволената критична кота и да ги поплави крајбрежните делови како и блиските населби кои се наоѓаат на помала надморска висина.
Поради неодговорноста на владата на СДСМ и раководството на ЕЛЕМ директна штета трпат граѓаните и државата. Поплавите кои се случија заради ненавременото испуштање на вода од Охридското Езеро нанесоа огромна штета на приватните градежни објекти и земјоделските површини долж на целото крајбрежје кои со денови се под вода.
Од ненавременото и недоволно испуштање на водата и неажурноста на ЕЛЕМ, Охридското Езеро се наоѓа на алармантно ниво од на 694 метри надморска височина што е за 25 сантиметри над максимално дозволената кота и дури 83 сантиметри над неговата природна кота која се наоѓа на 693,17 метри надморска височина.
Дека лошо се менаџира со водите на Охридското Езеро говори и фактот дека Дебарското езеро кај ХЕ Шпиље има над 6 метри празен акумулационен простор што е доволно да го прими вишокот на вода од Охридското Езеро.
Според експертите, нивото на езерото допрва ќе расте. Тоа е така бидејќи претстои период на топење на снеговите, а и поради дождовите кои се најавуваат, водостојот и натаму ќе расте, со што штетите и последиците ќе бидат уште повеќе катастрофални.
Доколку ЕЛЕМ не почне сериозно да го решава овој проблем непоправливи ќе бидат штетите на поплавените земјоделските посеви и крајбрежните објекти. Но исто така постои закана за уништување на фрескоживописот во црквите лоцирани на брегот на езерото.