Републичката изборна комисија (РИК) на Србија ги прогласи 16-те изборни листи од вкупно 22 кои имаат доставено законски потписи на поддршка на граѓаните.
Со тоа, како што јави дописиникот на МИА од Белград, познати се партиите и коалциите кои ќе учествуваат на парламентарните, покраинските и локалните избори закажани за 21 јуни и оние кои ќе ги бојкотираат.
РИК ги прогласи листите: Александар Вучиќ -За наши деца (СНС), Ивица Дачиќ -СПС-ЈС-Драган Марковиќ Палма, Воислав Шешељ-Српска радикална партија, Сојузот на унгарците во Војводина -Иштван Пастор, Александар Шапиќ – Победа за Србија, За Кралството Србија -Жика Гојковиќ, Обединета Демократска Србија, Муамер Зукорлиќ – Само право – Партија на правдата и помирувањето- Демократска партија на Македонците, Метла 2020 година, Милан Стаматовиќ-Здраво до победата-Драган Јовановиќ-Подобра Србија-Здрава Србија, СДА Санџак-Сулејман Угљaнин, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски-Српска партија Заветници, Народен блок – Велимир Илиќ и генерал Момир Стојановиќ.
Последните три листи што ги прогласи РИК во петокот вечерта се на Сергеј Трифуновиќ – Движењето на слободни граѓани (ПСГ), Албанска демократска алтернатива-Обединета долина и суверенитет.
Во петок беа доставени и потписите за поддршка на граѓаните на листите: Нека паѓаат маските-Зелена партија-Нова партија, Социјализам единствениот излез, потоа листата на Руската партија и Коалицијата за мир- Чедомир Јовановиќ и Левијатан- Живеам за Србија.
Откако РИК во средата вечерта ги одби 732 потписи за поддршка на листата „Еден од пет милиони“, претставниците на ова движење ги доставија потребните потписи во петокот навечер.
Крајниот рок за доставување на избирачките списоци до РИК за учество на изборите на 21 јуни истече во петокот на полноќ, затоа што законот предвидува дека рокот за тоа е 15 дена пред денот на одржување на гласањето.
Изборите во Србија првично беа закажани за 26 април, но поради епидемијата на коронавирус, датумот беше одложен, така што изборните активности беа прекинати со цел да продолжат по укинувањето на вонредната состојба.
Бојкотот на сите три нивоа го најавија партиите собрани во опозицискиот блок Сојуз за Србија (СзС), во кој меѓу другото се и Демократската партија (ДС) на Драган Лутовац, Партијата за слобода и правда (ССП) на Драган Ѓилас, Двери на Бошко Обрадовиќ, Народната странка (НС) на Вук Јеремиќ и движењето Да не го давиме Белград.
Од опозициските партии кои се предомислија за бојкот на изборите, и ќе учествуваат на парламентарните избори се партиите на поранешниот премиер Зоран Живковиќ-(НОВА), ЛДП на Чедомор Јовановиќ, Предраг Чанак со ЛСВ, ПСГ на Сергеј Трифуновиќ, дел од движењето „Еден од Пет Милиони“.
Некои од партиите кои најавија бојкот на изборите на републичко ниво, ќе учествуваат на локалните избори, на некои места, како што се Шабац и во белградската општина Врачар- партијата на Борислав Тадиќ (СДС).
Со цел на масовност на изборите, цензусот за влез на партиите во Собранието е намален од пет на три отсто.
На денот на изборите, на 21 јуни, избирачките места ќе се отвораат во 7:00 часот и се затвораат во 8:00 часот.
Резултатите од изборите РИК ги објавува во Службен весник, не подоцна од 96 часа по завршувањето на гласањето.
РИК објави дека ќе бидат отворени 8.386 избирачки места, околу 130 повеќе отколку на претседателските избори во 2017 година. Планирани се 90 избирачки места и на Косово, а 43 во странство.
Изборите во Србија се одржуваат во специфични околности заради коронавирусот, па се уште е неизвесно одржувањето на масовни предизборни митинзи.