Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска смета бројката од 21.000 работници на кои не им е исплатена плата за април месец е многу сериозен податок дека македонските претпријатија се соочуваат со серозни проблеми со ликвидноста на фирмите.
Таа во емисијата „Економски магазин“ на Алсат телевизија, истакна дека доколку државата не интервенира соодветно и навремено, бројките на неисплатени плати на работнници наредниот месец ќе биде уште поголеми.
– Податокот дека на 21.000 работници не им е исплатена плата е сериозен сигнал дека компаниите, односно претпријатијата се соочуваат со проблеми со ликвидноста. Толкава бројка да немаат исплатено во овој месец кој што помина, сега сме јуни месец, а ние зборуваме за неисплатени плати за април месец, тоа е веќе два месеци кои се евидентни показателите дека компаниите имаат навистина големи проблеми со ликвидноста. Доколку не се реагира соодветно, навремено, веруваме во следниот месец, податоците кои што ќе треба да се презентираат ќе бидат уште посериозни, рече Арсовска.
Таа додаде дека поради тоа, најважното нешто на кое што тие, како Сојуз на спопански комори, апелирааат во континуитет е дека на претпријатијата и на сите чинители на економијата им е потребна предвидливост.
– Тоа најнапред значи дека на секој еден кој што работи, живее во приватниот сектор му е потребно да знае што носи утрешниот ден како тој би можел да ги пресмета своите загуби и да знае што да прави со себе, со своето семејство, со своето претпријатие, со своите вработени во наредните месеци, појасни Арсовска во „Економски магазин“.