Засилени и систематски контроли за почитување на мерките за заштита, како од патниците, така и од членовите на екипажот, во текот на целото патување со брод од денеска започнува грчката крајбрежна служба, јави дописничката на МИА од Атина.
-Заштитата на здравјето на жителите на островите, но и на патниците и членовите на екипажот на бродовите, беше и останува одлучувачки приоритет, вели министерот за поморство и островска политика на Грција, Јанис Плакиотакис, во однос на контролите кои се спроведуваат по негова одлука.
Интензивирањето на проверките е во период на кога е зголемен бројот патници во бродовите, но и поради тоа што се очекува дополнително да се зголеми со пристигнувањето на туристите во Грција.
На 1 јули, според планот на Атина, ќе се отворат сите аеродроми во Грција, како и копнените граници.
Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, рече дека земјата „се подготвува за следниот голем чекор на 1 јули, денот кога широко ќе се отворат портите на земјата за туризмот“.
-Прва наша грижа, како што континуирано истакнуваше премиерот Кирјакос Мицотакис е безбедноста на вработените, на жителите на туристичките дестинации, како и на туристите, рече Пецас