сабота, 30. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Мицкоски од Струга: Граѓаните на 15 јули ќе изберат обнова и ќе ја исправат Македонија од неправдите СДСМ и Зоран Заев

Мицкоски од Струга: Граѓаните на 15 јули ќе  изберат обнова и ќе ја исправат Македонија од неправдите СДСМ и Зоран Заев

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска беше во посета на Струга каде што истакна дека  благодарение на погрешните политики на ова раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев, денеска Македонија бележиме рекорди по број на заболени и луѓе кои за жал го губат својот живот и токму затоа сега е најпотребно заедно сите да се исправиме бидејќи само така можеме да ја обновиме Македонија од руината која СДСМ ќе ја остави.

Мицкоски пред стружани потенцираше дека во петтата Изборна Единица изборот е јасен, помеѓу Дурловски човек кој е почитуван во целиот свет и покажа и докажа колку се сака Македонија и од друга страна Шекеринска која велеше дека некои прашања не заслужуваат одговор и е човек од времето на транзицијата до денеска донесе многу неправди, пред се во Струга.

– Изборот е јасен, нема дилема.  После 15 јули да ги засукаме ракавите и да си ја обновиме Македонија од руината која што ова раководство на СДСМ и Зоран Заев ќе ни ја остават. Денеска го слушам Зоран Заев, вели ќе ја обновеле Македонија, ние една година велиме дека ни треба обнова на Македонија, а нему денеска му текна, дека навистина требало. Прв пат ќе се сложам со Зоран Заев, навистина треба обнова, но тоа нема да го амнестира  од сето разурнување, од сиот срам кој заедно со СДСМ го нанесоа на Македонија и на граѓаните изминативе три години. Имаме тригодишна пандемија наречена СДСМ и Зоран Заев, рече Мицкоски

Тој изјави дека кога СДСМ и Заев ќе викаат дека можат треба да зборуваат во минато време дека можеле како што можеа да не го продадат достоинството и честа на Македонија и граѓаните, но истите ги распродадоа за пуста власт и пусти пари.

– Можевте да донесете подобар живот, како што ветувавте ама не успеавте, донесовте порази и неправда и донесовте разочарувања кај нашите сограѓани. Секаде каде што изминав овие три години е присутно тоа разочарување, безнадежност и безидејност. Повозрасните велат ми замина внукот, ми замина ќерката, ми замина синот. Оние кои останаа тука велат чекам првиот автобус да дојде и јас да се качам и да го напуштам родниот дом. Гледам луѓе кои не ја гледаат иднината сопствената и на сопствените семејства овде. Тоа  можевте, да вратите малку самодоверба кај овие луѓе, да ја кренат  главата гордо и да не се почувствуваат понижени, ама напротив направивте тие луѓе да се разочараат, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека СДСМ ветуваа 5% раст на БДП, ветувате 30.000 денари плата, домашни инвестиции исто како и странски, а донесоа една голема нула, празни ледини, никаде ги нема ниту Фејсбук, Гугл и гигантот од автомобилската индустрија кој го ветуваа.

– За жал полињата останаа празни неизградени, а луѓето ги напуштија своите огништа. Тоа е таа сурова реалност која денеска е во Македонија.  Можевте да направите вистински бесплатно здравство како што ветувате, а погледајте ги денеска болниците и клиничките центри низ државата, ветувате клинички центар најпрво во едно предградие во Скопје па друго.  Ветувавте бесплатно образование, поквалитетно образование, а денеска немаме ниту еден универзитет во првите 1000 според Шангајската листа. Ветувавте правда за секого, ветувавте реформи во обвинителството, судството, а донесовте  Луј Витон обвинителство и „трас трас“ судство, истакна Мицкоски

Тој додаде дека единствено нешто што направи СДСМ е амнестија за самите себе од она кое што му го приредија на македонскиот народ, амнестија од евро за Вицето и евро за црквата и тоа е единствената реформа која што ја направија во судството.

– Ветувавте бројчаници на Триумфалната капија во Скопје, па направивте една парада, закаливте еден бројчаник. Колку заврте господине Заев, да заврте ама во вашиот џеб и во џебот на вашето семејство. Јас ви ветувам дека секој денар кој што го завртевте во вашиот џеб и џебот на вашето семејство после 15 јули ќе заврти на бројчаникот кој што го монтиравте  на Триумфаланта Капија во Скопје. Мора правда да дојде. Луѓето ја изгубија надежта затоа што се чувствуваат беспомошни, затоа што гледаат дека нема правда во оваа држава, дека законите не се почитуваат. Законите мора да се почитуваат од Струга до Куманово, од Дебар до Делчево, од Гевгелија до Крива Паланка, изјави Мицкоски

Тој нагласи дека токму затоа треба да се поддржи Обновата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за да неа подвиткување на кичмата и коленичење пред неразумни политичари кои полнат полнат куферчиња Луј Витон.

– Работевме на една читанка, т.н Проект Обнова. Во таа читанка може да се пронајде секој еден граѓанин.  Таму ќе најдете поглавје за земјоделецот, каде што се обврзуваме да обезбедиме 640 милиони минимум. Земјоделецот ќе биде безбеден бидејќи ќе има обезбеден откуп. Не смееме да дозволиме да се сече крошна од јаболка во Ресен, не смееме да дозволиме да се истураат сливите во Пијанец, не смееме да дозволиме да стои необрано житото низ Пелагонија и да не бидат обрани лозовите насади во Тиквешијата, рече Мицкоски.

Тој додаде дека во обновата на ВМРО-ДПМНЕ има минумум 20% повисоки пензии од тоа што е денеска. од 8 до 12 милиони во спортот, од 8 до 12 милиони евра годишно назад во културата, од 8 до 12 милиони евра за реновирање на училишта, за најмалку еден универзитет на Шангајската листа, за реновирани студенски домови.

Но за тоа да се случи Мицкоски истакна дека потребна е масовност на изборите, да ја одбереме обновата на ВМРО-ДППМНЕ за да можеме да ја исправиме Македонија и да имаме држава која ќе биде пример на Балканот изградена за нашите наследници.

Најнови вести