Претседателот на СДСМ и носител во ИЕ 4, Зоран Заев денеска ја посети тераписката заедница Покров во с.Водоча, Струмичко која се занимава со социјално претприемништво и рехабилитација и ресоцијализација на лица кои биле зависници од употреба на наркотични средства, алкохол и други психотропни супстанци.
Тој таму оствари средба со луѓето кои што се дел од програмата на „Покров“ каде произведуваат органска храна и преку оваа програма се интегрираат полесно во општеството. Истакна дека „Покров“ е еден светол пример на социјално претприемништво кој треба да се следи бидејќи овозможува позитивни општествени промени и социјална инклузија на корисниците на оваа програма.
Во следниот четиригодишен мандат планираме силно да ги подржиме иницијативите за формирање на вакви социјални претпријатија со нов закон за поддршка на социјално претприемништво, со фокус на младите и жените, и со отворање на три центри за поддршка на социјални претпријатија, порача Заев.
Оттаму тој упати апел до граѓаните да купуваат домашни производи особено сега повеќе од било кога, бидејќи на таков начин ја помагаат домашната економија и ги помагаат вредните производители на македонски производи и на македонска квалитетна храна.
Тој рече дека државата го препозна тој потенцијал како важен за закрепнување на економијата, со поддршка за пораст на личната потрошувачка.
Преку третиот пакет на мерки пуштивме во оптег 355 милиони евра на 730.000 корисници, преку платежни картички, ваучери, поддршка за младите и студентите, и други мерки. Овие пари преку платежните картички и ваучерите ќе завршат во македонските компании и бизниси и ќе им помогнат да ги зачуваат работните места, да ја надминат кризата и повторно да се насочат кон раст, отворање на нови работни места и пораст на платите на своите вработени, рече Заев.