Министерството за одбрана на Русија ги демантираше наводите дека сириските сили користеле хемиско оружје во напад на градот Дума во Источна Гута во Сирија, соопшти директорот на рускиот Центар за помирување на завојуваните страни во Сирија, генерал Јури Јевтушенко.
– Остро ја демантираме оваа информација и ја потврдуваме нашата подготвеност да испратиме руски експерти за нуклеарна, хемиска и биолошка заштита во Дума да ги испитаат податоците кои ќе потврдат дека овие наводи се измислени, рече генералот додавајќи дека руските сили би дошле во Дума откако градот ќе биде ослободен од бунтовниците.
Најмалку 70 лица се убиени во наводен напад со хемиско оружје на градот кој е под контрола на бунтовниците во Сирија, Дума, соопштија спасувачки организации и лекари, додека сириската Влада наводите за овој напад ги нарече „измислици“, јави Би-Би-Си.
Други светски агенции јавија дека боројот на загинати е околу 40 жртви.
Би-Би-Си нагласува дека за сега никој независно не ги потврдил наводите за напад со хемиско оружје.
Неколку групи за набљудување, активисти и доктори изнесоа наводи за напад со хемиско оружје, но бројките не се поклопуваат и се уште не е јасно што точно се случило, нагласува Би-Би-Си.
Медиумскиот центар на источна Гута, каде што се наоѓа Дума, тврди дека се убиени повеќе од 75 луѓе, и оти повеќе од 1.000 се погодени од последиците на наводниот напад.
Според центарот, хеликоптер фрлил буре-бомба во кое имало нервен гас сарин.
Американскиот Стејт департмент ги нарече „застрашувачки“ извештаите за масовни жртви во наводниот напад со хемиско оружје во Дума во Сирија, побара светот да реагира доколку нападот биде потврден и ја повика Русија „веднаш да престане“ со поддршка за сириската Влада.
– Овие наводи, доколку бидат потврдени, се затрашувачки и бараат итен одговор на меѓународната заедница, изјави портпаролката на Стејт департментот Хедер Науерт. Таа додаде дека „Русија, со недвосмислената поддршка за режимот, во целост сноси одговорност за овие брутални напади“.
Сириската бунтовничка група Џаиш ал Ислам вчера ги обвини владините сили дека фрлиле буре-бомба која содржела отровни хемикалии врз цивили во Дума во Источна Гута и оти при тоа биле повредени повеќе од 500 лица.
– Режимот на Асад и нивните сојузници продолжуваат со своите злосторства, изјави портпаролот на групата, Хамза Биркдар, за телевизијата Ал Хадат.
Сириската опсерваторија за човекови права информира дека биле пријавени 11 случаи со симптоми на гушење во источна Гута, вклучувајќи и деца, по напад на сириски авиони. Опсерваторијата не навела кои агенси би можеле да бидат употребени во нападите.
Сириските државни медиуми ги негираа извештаите за хемиски напади.
– Терористите од Џаиш ал Ислам се во состојба на распаѓање и нивните медиуми создаваат фабрикувани вести за хемиски напад во неуспешен обид да го опструираат напредувањето на сириската армија, јави државната агенција САНА, цитирајќи официјален извор.