вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Во експлозијата во Бејрут загинаа повеќе од сто луѓе, а околу 4.000 се повредени

Во експлозијата во Бејрут загинаа повеќе од сто луѓе, а околу 4.000 се повредени

Врховниот совет за одбрана на Либан го прогласи главниот град Бејрут за погоден од природна непогода и и предложи на Владата денеска да воведе вонредна состојба по силната експлозија во која загинаа повеќе од 100 лица, а се повредени повеќе од 4.000.

На итен состанок на Советот беше одлучено да се формира посебна комисија за да се истражи причината за експлозијата во пристаништето во централниот дел на Бејрут, а извештајот треба да се заврши за пет дена, пренесува агенцијата ТАСС.

Како што јавуваат локалните медиуми, во текот на ноќта Бејрут останал во мрак, а пожарникарите сè уште ги гаснат преостанатите пожари на местото на експлозијата. Облаци од црн чад и натаму се креваат кон небото.

Јавните служби почнаа да ги отстрануваат урнатините.

Делот од градот каде се случи експлозијата е уништен, а голем број згради се речиси целосно оштетени.

Министерот за здравство Хасан Хамид изјави дека болниците се полни со повредени лица, поради што и хотелите во центарот на Бејрут ќе примаат пациенти на кои не им е потребна операција.

Според податоците на германскиот геонаучен центар ГФЗ, експлозијата била еднаква на земјотрес со јачина од 3,5 степени, а се слушнала и подалеку од Кипар, на повеќе од 200 километри преку Медитеранот.