Последната анкета за приходите и условите за живеење на Државниот завод за статистика покажува дека повеќе од секој петти жител на државата, или 21,9 проценти се сиромашни. Актуелната криза годинава ги заостри овие состојби, но и покрај тоа, поштарите во поштенските сандачиња на граѓаните ќе стават сметки за струја за 100 до 200 денари повисоки од претходните.
Енергетските компании никако да попуштат под притисокот на јавноста, па изнесувајќи низа свои аргументи не се откажуваат од поскапувањето на струјата. Во меѓувреме голем дел од граѓаните стравуваат дека нема да можат да ги платат сметките што ќе им бидат испорачани за околу две недели.
Според надлежните електричната енергија поскапена за 7,4 проценти минимално ќе се одрази на просечната месечна фактура. Но, за многумина тоа ќе биде тежок товар ако се има предвид дека и онака од сите сметки за комуналии граѓаните најтешко ги плаќаат тие за струја, за што сведочи податокот дека извршителите најчесто тропаат на вратите на граѓаните токму за тој долг. Прашање е како ќе се снајде со новиот финансиски товар, па макар бил и минимален, секој петти жител на државата кој во буквална смисла на зборот е сиромашен, анализира Вечер.пресс
Последната анкета за приходите и условите за живеење, која Државниот завод за статистика ја спроведе во согласност со препораките на Европската Унија покажува дека повеќе од секој петти жител на државата, или 21,9 проценти се сиромашни.
Притоа, стапката на сиромашија кај домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца е 22 процента, кај вработените е 8,8 отсто, а кај пензионерите е 7,9 отсто. Најтешко живеат домаќинствата со двајца возрасни и три и повеќе издржувани деца. Повеќе од половина од таквите семејства, или точно 50,2 процента од нив се сиромашни. Интересен е податокот дека пред исплатата на пензиите и на социјалната помош близу 41 проценти од вкупниот број домаќинства во државата живеат во сиромаштија.
Или, под прагот на сиромаштија во државата живуркаат над 455 илјади граѓани. Според анализите што ги прават невладините организации кои работат на обезбедување на храна за сиромашните, тие близу половина милион македонски граѓани можат да си дозволат само еден оброк дневно, а секој петти жител со тешкотии го обезбедува парчето леб.
Овие податоци се за 2018 година. Според динамиката на објавување, бројките за лани треба да ги имаме на крајот на годинава, а за оваа година, на крајот на наредната. Но, сепак не може да се каже дека тие бројки се стари, зашто со години по ред како да тапкаат во место. Стапката на сиромаштија и во 2016 година била идентична со онаа во 2018, односно и тогаш 21,9 проценти од граѓаните живееле во сиромаштија.
Прогнозите за оваа година која е во знакот на здравствено- економската криза се црни. Работните места се губат повеќе од кога и да е, на огромен број вработени примањата им се намалени до минималната плата, а како делумно олеснување може да се смета привременото неплаќање на кредитите, кое ако нешто не се смени, ќе трае само до наредниот месец. И во ваква ситуација поштарите во поштенските сандачиња ќе стават сметки за струја поголеми за 100 или 200 денари, во зависност од тоа кој колку троши. Утешна награда е евтината тарифа која и понатаму останува во редовните термини и покрај шпекулациите дека ќе се укине, анализира Вечер.пресс
Во изминатиот период имаше и протести, а и бројни предупредувања дека новата цена на струјата ќе биде силен удар врз џебот на сиромашните кои во нашата држава не се баш малку. Такво предупредување дојде од поранешниот советник во Министерството за финансии кој оцени дека поскапувањето на струја е директен удар врз 755.000 сиромашни граѓани од кои 100.000 живеат со помалку од 40 денари дневно.
–Се говори во јавноста дека ова поскапување ќе значи и 100 до 200 денари повисока сметка месечно. За луѓе што живеат со 40 денари на ден тоа се огромни пари. Така што ова поскапување ќе значи удирање по најсиромашните, рече тој.
Аргументите за зголемување, а не за намалување на цената во оваа криза за него се нејасни, а како што напиша на фејсбук, ЕВН лани остварила нето добивка 36 милиони евра, МЕПСО од седум милиони, а ЕСМ (ЕЛЕМ по старо) три милиони.
-Шпанија за времетраењето на кризава обезбеди гарантиран пристап до струја, вода и гас за сиромашните, дури и ако не плаќале сметки. Италија ги суспендираше сметките за струја, гас, вода и ѓубре на 2 месеци. Белгија им даде на домаќинствата до 100 евра за сметки за струја и 75 евра за сметки за гас. Словенија ја намали цената на струјата за домаќинствата и малите фирми за 20%. Кипар ја намали цената на струјата за 10% на 3 месеци. Македонија ја зголемува цената на струјата за 7,4%, а има највисока сиромаштија и невработеност во Европа, напиша Јовановиќ на „Фејбук“.