Талат Џафери денеска повторно ќе биде избран за претседател на Собранието. Извори од Собранието за „360 степени“ велат дека иако официјално не е закажана седница, веќе има најави за денешниот избор.
Ова го најави и лично лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по вчерашната седница на Централниот совет на партијата.
„Ова владеење е владеење на рамноправноста. Утре ќе го избереме претседателот на Собранието, нашиот пријател Талат Џафери, а потоа и нашите други пријатели“, рече Али Ахмети вчера, соопштувајќи ги владините кадри од неговата партија.
Талат Џафери беше претседател на Собранието и во претходниот парламентарен состав, а во новиот состав како претседавач ја започна конститутивната седница, со верификација на мандатите на пратениците.
Новото парламентарно мнозинство го сочинуваат 62 пратеници и тоа коалицијата “Можеме”, предводена од СДСМ, со 46, ДУИ со 15 и еден од ДПА.
Вчера, по седницте на највисоките партиски тела на СДСМ и ДУИ беше соопштен новиот владин состав.