понеделник, 18. март 2024. Вести денес: 0
home Регион

Тензиите уште повеќе растат, Грција ги проширува територијалните води: За Турција тоа е повод за војна!

Тензиите уште повеќе растат, Грција ги проширува територијалните води: За Турција тоа е повод за војна!

Грчкиот премиер ненадејно најави дека неговата земја во Јонското море ќе ги прошири територијалните води од 6 на 12 наутички милји, додека пак претходно Турција порача дека таквиот потег би бил повод за војна.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис порача дека Грција наскоро ќе ги прошири територијалните води во Јонското море, истакнувајќи дека неговата земја има суверено право на тоа.

Станува збор за потенцијално многу опасна одлука со оглед на тоа што Турција претходно порача дека еден таков грчки потег би бил повод за војна.

Но, Мицотакис инсистира дека Грција ќе ја прошири својата поморска граница од 6 на 12 наутички милји. Да потсетиме, Јонското море се протега од грчкиот западен брег до источниот брег на Италија. Оваа одлука доаѓа ненадејно, а премиерот Мицотакис истакна дека истата ќе биде испратена во парламентот на усвојување.

Одлуката доаѓа непосредно откако Грција потпиша договори за поморски граници со Италија и Египет, а премиерот Мицотакис вели дека станува збор за договори од „големо историско и политичко значење“.

Во целиот спор помеѓу Грција и Турција, Италија и Египет се на грчка страна, а на страната на нашиот јужен сосед застана и Франција. Во текот на вчерашниот ден, Италија, Франција, Кипар и Грција дури и организираа заеднички воени вежби јужно од Кипар, со што испратија јасна порака до Анкара.

Турција од 1995-та година усвои резолуција според која едностраното ширење на грчките територијални води е “Casus Belli”, односно повод за војна.