вторник, 12. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Грција демантира дека постои договор за почеток на дијалог со Турција

Грција демантира дека постои договор за почеток на дијалог со Турција

Основен предуслов за почеток на разговори со Турција е практична деескалација од страна на Анкара, не постои договор за дијалог, вели портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас во интервјуто за телевизијата „Скај“, додека пак дипломатски извори за грчките медиуми синоќа коментираа дека „информациите за технички разговори во НАТО, не одговараат на реалноста“, јави дописничката на МИА од Атина.

Реакциите доаѓаат по изјавата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кој рече дека „по разговорите со грчкиот и турскиот лидер, двата сојузника се согласија да влезат во технички разговори во НАТО за воспоставување механизми за избегнување на воен конфликт и за намалување на ризикот од инциденти и несреќи во Источниот Медитеран“.

-Генералниот секретар на НАТО достави некои предлози, на техничко ниво, за да се избегне несреќа. Ова е далеку од тоа да се карактеризира како договор за почеток на дијалог, кога основниот предуслов за почнување на контакти продолжува да биде прашањето со практична деескалација од страна на Турција, рече портпаролот на грчката Влада, говорејќи претпладнево за телевизијата „Скај“.

Пецас објасни дека станува збор за технички документ од НАТО, за кој било побарано да се достават предлози од двете страни.

-Тоа не е текст дека Грција се согласува за одново започнување на разговори или дека Турција и Грција се договориле за почеток на дијалог, истакна Пецас.

Додаде дека секој оној што има јавна функција мора да постапува со сериозноста што ја бара неговата позиција, „а генералниот секретар на НАТО има висока позиција“. (МИА)