понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Филипче намалува со тестови кога ризиците од коронавирусот се зголемуваат

Филипче намалува со тестови кога ризиците од коронавирусот се зголемуваат

Неуспехот во справување со корона кризата министерот за здравство, Венко Филипче и СДСМ повторно го покриваат со намалено тестирање со цел така да прикажат помал број на заразени, во период кога ризиците стануваат се поголеми.

Во ситуација кога речиси секојдневно бројот на заразени е над 100, власта систематски на неделна основа го намалува бројот на тестирани лица. Тоа се потврдува и со неделниот извештај на Институтот за јавно здравје кој покажува дека минатата недела тестирањето се намалило за 14%, но бројот на позитивни случаи се зголемил за 0,3 процентни поени, односно 8,4% од тестираните биле позитивни на Ковид-19.

Бројот на тестирани се намалува токму баш сега кога доаѓа есента и се зголемува ризикот од сезонски грип, но и кога започнаа со работа градинките, а наскоро започнува и учебната година, додека пак власта нареди лицата со хронични болести да се вратат на работа. Очигледно дека сето тоа се прави за власта да ја покрие својата неспособност да го заштити здравјето на граѓаните и да ги оправда своите одлуки за претходно споменатите три категории.

Во ваква ситуација зачудувачки е тоа како власта го загрозува здравјето на граѓаните и истото го става во втор план, со цел да не излезе на површина несоодветната подготвеност за ризиците кои ги носат отворањето на градинките и училиштата и доаѓањето на сезонскиот грип.

Почетокот на учебната година беше одложен за октомври, а владата се уште нема план како ќе се одвива наставата во сите училишта, иако голем дел побараа физичка настава. Нејасно е како ќе се реагира кога ќе се појават првите заболени ученици кои не само што ќе го стават во ризик сопствениот клас, но и нивните наставници и нивните семејства. Градинките само што отворија веднаш се појави и првиот случај на заразено бебе, кое прати и две негувателки во изолација, а тоа е веќе трет случај на самиот почеток.

Тоа ни укажува дека власта неподготвена ги отвори градинките и се оградува од одговорност. Одговорна власт во ваква ситуација би имала план во кој ќе бидат предвидени сите можни ризици, бидејќи пандемијата е тука веќе 6 месеци, а исто така би имало и масовни скрининзи како во градинките, така и во училиштата кои побараа физичка настава.

Воедно и одговорна власт не би ги загрозила лицата со хронични болести кои се со најголем ризик да ги загубат своите животи во борба со коронавирусот. Но таква не е власта предводена од СДСМ, тие на чело со министерот за здравство, Филипче решија да го намалат тестирањето кога ризиците стануваат се поголеми.

Најнови вести