недела, 24. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

По Демир Капија- Смоквица ќе се вози од следната недела, за почеток без патарини

По Демир Капија- Смоквица ќе се вози од следната недела, за почеток без патарини

На почетокот на следната недела се очекува да биде пуштена во употреба новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица и по тој дел од автопатот „Пријателство“ првично ќе се вози без плаќање патарина.

Засега нема нова официјална најава за пуштањето на патот освен претходната дека тоа ќе се случи по 15-ти месецов, а директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов денеска најави дека деновиве ќе ги покани медиумите на таков настан.

За двете планирани наплатни станици на автопатот кај Гевгелија и кај Демир Капија, градежната дозвола е издадена пред три недели, а за завршување, како што изјави Китанов, се потребни околу осум месеци.

– Во моментов се градат новите патарини кои нема да бидат како постоечките, на нив ќе нема никави застои, ќе бидат електронски,  со припеид, со тагови. Ќе има патарини и на тој дел од автопатот, а цената се утврдува согласно Правилник, изјави Китанов, одговарајќи на новинарски прашања.

Тој  не кажа кога очекува да профункцираат патарините.

– Неможе да се каже дека ќе биде бесплатно, патарините ќе си функционираат, за новиот дел на автопатот дозволата за градба е дадена пред неполн месец, па пресметајте, наведе Китанов.

Новите 28,2 километри автопат од Демир Капија до Смоквица ја чинат државата 270 милиони евра. Патот се пушта во употреба по шест години изградба и со него се заокружува со целосно автопатско решение Коридорот 10 на територијата на Македонија.

Новата автопатска делница  се протега од излезот на Демир Капија преку селото Миравци, до Смоквица, каде што се поврзува со веќе постојниот автопат. Поминува надвор од демиркаписката клисура од десната страна на реката Вардар, низ благи кривини и угорнини.

Новиот автопат има две клучки кај Миравци и Смоквица, два тунела долги по 1.200 метри,  шест моста со должина од 100 до 500 метри, шест потпатници и два натпатника. Ширината на сообраќајницата е 25,6 метри, со две ленти за возење, една за застанување и средишен зелен појас широк три метри.

Владата во октомври минатата година со анекс на договорот за изградба, го продлжи рокот за завршување на автопатот до февруари годинава, откако беше утврдено дека не е изграден контролен центар и не е дислоциран далекувод на автопатот. Тие активности веќе се завршени, а за пуштањето на автопатот беа направени и други законски измени.

Специјалното јавно обвинителство (СЈО)  минатиот месец објави дека отвора истрага под име „Актор“ за изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица. Предметот, според СЈО, се однесува за фаворирање на грчката компанија „Актор“ за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица, иако подобра понуда имала италијанската компанија „Тото“. Покрај тоа, во „Актор“ има сомненија и за перење пари. (МИА)

Најнови вести