петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Напладне се очекува изрекување на конечните казни за членовите на Златна зора

Напладне се очекува изрекување на конечните казни за членовите на Златна зора

Една седмица откако беа прогласени за виновни обвинетите поранешни пратеници, членови, но и лидерот на Златна зора дека формирале и учествувале во криминална организација, на денешното рочиште, судот ќе ги соопшти казните, јави дописничката на МИА од Атина.

На вчерашното рочиште, надлежната обвинителка предложи 13 години затворска казна за првиот човек на партијата и за шесттемината поранешни пратеници, осудени за формирање криминална организација.

Обвинителката, дополнително, ги предложи и казните за нелегално поседување оружје, поконкретно, 18 месеци казна затвор и 800 евра парична казна за лидерот на Златна зора Никос Михалољакос, за поранешните пратеници Илиас Касидиарис и Јоргос Герменис, осум месеци затвор и 600 евра, за поранешниот пратеник, а сега независен европратеник Јанис Лагос 12 месеци и 800 евра, како и дополнителни 10 месеци и 600 евра за поседување пиротехнички средства.

За учество во криминална организација пак, предлозите на обвинителката беа пет години затвор за оние кои беа добија олеснителните околности и седум години затворска кана за останатите.

За убиецот на музичарот Павлос Фисас, обвинителката предложи доживотна затворска казна.

Дел од обвинетите ќе добијат и дополнителни казни за други дела, како што се соучество во убиството на Фисас, обид за убиство на египетски рибари, напад на членови на синдикатот на Комунистичката партија, нелегално поседување оружје итн.

Откако судијката ќе ги соопшти конечните казни, на денешното 459 рочиште од почетокот на процесот пред пет и пол години, адвокатите ќе имаат право на приговори и барање казните да бидат условни.

Во зависност од тоа дали дел од казните ќе бидат условни или не и дали ќе бидат поднесени жалби, ќе се знае кога осудените ќе бидат уапсени и пренесени во грчките затвори.

Паралелно со денешното рочиште, пред судот, повторно е закажан протест против Златна зора.