Револтот на граѓаните кон власта расте, а како причина за тоа е информацијата која излезе вчера за дебело платените советници на премиерот Зоран Заев. Имено, од податоците кои се јавно објавени граѓаните ќе ги плаќаат месечно 23 советници на Заев во вредност од околу милион и четиристотини илјдаи денари месечно или годишно од буџетот ќе се одвојуваат околу 16 милиони денари или околу 260 илјади евра, односно за четири години граѓаните за советниците на премиерот Заев ќе платат нешто повеќе од милион евра.
Имено, 54 советници се објавени на веб сајтот на владата вработени во канцеларијата на премиерот Заев, од кои 23 се советници на Заев.
Она што може да се забележи е дека Зоран Верушевски и понатаму го советува Заев за национална безбедност, но и останува како советник на премиерот со највисоки примања, односно Верушевски има месечни примања од 74.618 денари. Понатаму, меѓу најплатените советници се Виктор Андонов за енергетика и Милан Живковиќ, кои имаат месечно примања од по 60.546.
Едно од впечатливите имиња е она на претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски, кој и понатаму останува советник на премиерот Заев, за привлекување на странски инвестиции. Она што е симптоматично со Бошковски е што до сега нема донесено ниту една странска инвестиција, а шокираше и со изјавата пред речиси една година дека тој нема обврска да носи странски инвестиции, бидејќи тој бил советник на премиерот и требало да го советува. Но, и понатаму никој не знае дали и што точно го советувал Бошковски премиерот Заев, но ако се погледне бизнис климата во државата и бројот на нови странски инвестиции може да се заклучи дека ниту таа работна задача советување не ја исполнил како што треба.
-Јас не сум министер за странски инвестиции, туку сум советник на премиерот за странски инвестиции. Тоа значи дека јас советувам, немам обврска да носам странски инветиции, вели Бошковски.
Иванна Хаџиевска Кошевалиски кој извесно време беше во протоколот на премиерот Заев, е назначена за советник за меѓународни односи и соработка со меѓународни и домашни организации. Колку Хаџиевска Кошевалиски ќе одговори на својата позиција на која е ставена, не се знае бидејќи ако се земе во предвид дека претходно јавноста беше сведок на невиден блам, односно при официјална посета на австрискиот канцелар Себастијан Курц наместо со австриско знаме беше пречекан со латвиско знаме, за што од владата мораа да се извинуваат за протоколарниот пропуст.
И покрај тоа што листата на советници е преполовена, граѓаните сметаат дека и понатаму има имиња кои што не заслужуваат да ги земаат парите од Буџетот, бидејќи како што велат нема потреба од толку многу советници кои реално освен седењето во удобните меки фотелји друго ништо не прават.
Со колку пари се платени останатите кои што се дел од канцеларијата на премиерот Заев не се знае, бидејќи владата само за 23 советници ги објавила податоците за месечни примања.