Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2020 година, кој содржи амандмани од комисиската расправа, од денеска е на пленарна седница. Според предложениот дневен ред е прва точка на закажаната за денеска 20.седница.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија за 2020 година се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари и тие се планирани на речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со претходниот ребаланс беа проектирани на реално ниво, односно пониски за 11,5 отсто во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи, пак, се планирани на ниво од 252,8 милијарди денари или се 4,1 отсто, односно за околу 10 милијарди денари повисоки во однос на планот.
Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,5 милијарди денари, односно 8,49 отсто од БДП.
Имајќи ги предвид настанатите околности, спроед предлагачот, извршени се промени во однос на иницијалните проекции на расходната страна на Буџетот на Република Македонија, пред сè, за спроведување на активностите предвидени со четвртиот сет мерки. Во овие рамки обезбедени се дополнителни средства во здравствениот сектор за активности кои директно придонесуваат во борбата против здравствената криза, а се однесуваат за набавка на лекови, имунизација на население и други неопходни средства и поддршка на вработените кои се директно вклучени во борбата против пандемијата.
Тековните трансфери се планирани на ниво од 177,3 милијарди денари или за околу 11,2 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2020 година. Се однесуваат, пред сѐ ,на преземените мерки за обезбедување средства за имплементација на четвртиот пакет економски мерки донесени од страна на Владата за справување со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, а кои ќе имаат директен импакт врз реалната економија и директно помагање на приватната потрошувачка.
Согласно собранискиот деловник, расправата по ребалансот на пленарна седница трае најмногу пет работни дена и се очекува тој да биде донесен до другата недела по што ќе почне и реализацијата на четвртиот сет економски мерки.
На дневен ред на оваа седница се и Предлогот за избор на судија на Уставен суд на Република Македонија, предлог законите за ратификација на Дополнителниот протокол за привилегии и имунитети на Организацијата за црноморска економска соработка, на Протоколот за статусот на Меѓународните воени команди воспоставени во согласност со Северноатлантскиот договор, и на Договорот меѓу страните на Северноатлантскиот договор за статусот на нивните сили.
На седницата треба да се расправа и за и предлог законите за изменување на Законот за работните односи и на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Предлог законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, по скратена постапка, Предлог законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, сите по скратена постапка, како и Предлог законот за изменување на Законот за приватно обезбедување во прво читање.