Чекори кон заемно прифатлив договор, промена на името на аеродромот во Скопје, отстранување на спомениците што алудираат на иредентизам, јавна изјава за прифаќање на сложено име за севкупна употреба, се барањата од официјална Атина до Македонија за да се затвори спорот со името, според грчкиот весник „Real news“.
Искусниот новинар во неговиот текст ги пренесува размислувањата на грчкиот премиер и што тој очекува од Македонија, без притоа да станува збор за официјална изјава на Алексис Ципрас за весникот.
– Порака до Скопје да преземе конкретни чекори, за да има договор во прашањето за името и да може соседната земја да се интегрира, прво во НАТО, а потоа во ЕУ упатува Алексис Ципрас. „Направете чекори кон взаемни прифатлив договор“ –му пренесува на Скопје, грчкиот премиер, бидејќи Атина, од владата на Заев очекува во пракса, а не на зборови да направи потези, за да може да започне суштински разговор во прашањето за името, пишува „Real news“.
Овие чекори, односно барањата од грчката до македонската страна, според весникот се конкретни и се однесуваат на: промена на името на скопскиот аеродром, отстранување на спомениците кои имаат иредентистички тенденции, како оние на Александар и Филип, но и јавен став од Скопје дека прифаќа разговор за сложено име за севкупна употреба. Ерга омнес е точката што е особено важна за Атина.
– На преговарачката маса со специјалниот претставник на Обединетите нации, Метју Нимиц, собрани се сите имиња што биле споменати во досегашните разговори. Атина не ги гледа позитивно имињата како „Северна„, „Горна“ или „Нова“, кои што ги спомена вицепремиерот Анѓушев, бидејќи алудираат на 2 или повеќе Македонии. Вреди да се спомене дека членови на владата во Атина позитивно го гледаат предлогот „Македонска Република Скопје“, што како што откри Теодорос Пангалос, тој му го предложил на тогашниот МНР Андонис Самарас во владата на Мицотакис, открива грчкиот неделник во денешното издание и пишува дека доколку нема конкретни чекори од македонска страна, Грција нема да влезе во суштински разговори за името. Но, доколку од Скопје има искрено расположение за компромис, тогаш, Ципрас со помош на Коѕијас се чини дека е решен да направи чекор кон решение во првата половина на 2018, пред НАТО Самитот.
И покрај последните случувања во Грција и несогласувањата во внатрешноста на земјата околу позициите за името, особено по негативниот став на коалициониот партнер Панос Каменоси, според весникот, во кабинетот на Алексис Ципрас не постои загриженост во однос на тоа дали евентуалниот договор би добил зелено светло од грчкиот парламент, ниту пак размислуваат за сценариото за пад на владата поради спорот со името. Владини претставници сметаат дека договорот би бил изгласан со помош на пратеници од опозициските партии, а грчкиот премиер на тет а тет средба со Панос Каменос ќе се обиде да најде формула за договор меѓу коалиционите партнери.
Токму ставот на Каменос и барањето за свикување лидерска средба во претседателската палата на која би се одредиле грчките црвени линии за името Атина отвори жестока дебата во Грција во изминатиот период.
Алексис Ципрас не е категоричен за ваквата можност, според „Real news“, но би можел да се соочи со потешкотии поради ставовите на лидерите на Независни Грци и Нова демократија. Каменос не прифаќа сложено име со терминот Македонија, а Мицотакис нема да даде поддршка, доколку владата е со различни позиции.
– Надлежни извори, пренесуваат дека штом постои договор во контактите на премиерот со претседателите на политичките партии за скопското прашање, тогаш веројатно нема да биде потребно свикување лидерска средба, туку ќе се следи моделот што беше применет во пресрет на разговорите за кипарскиот проблем. Алексис Ципрас да има одделни средби со лидерите на партиите, пишува грчкиот весник во денешната анализа. (МИА)