Секојдневно се зголемува бројот на заболени од Ковид-19 вирусот во затворите низ Република Македонија, а затворениците немаат соодветни услови и нега во борба со пандемијата. Покрај отслужувањето на казната за која се наоѓаат во затворот, осудени се и на заразата од Ковид-19 вирусот, затоа што немаат ниту доволно простории за изолација, ниту пак соодветна медицинска нега.
Згора на тоа, во моментов се спроведуваат локални избори во Штип и Пласница, а во текот на вчерашниот ден се спроведе гласањето на болните и изнемоштени лица, како и кај затворениците. Несериозноста на Зоран Заев и Владата одат дотаму да се ризикуваат човечките животи на затворениците, само за да се реализира изборниот процес и да се устоличи за нов градоначалник на Штип д-р Сашко Николов, кој наместо да биде во првата борбена во борбата со Ковид-19 вирусот, тој води кампања.
Македонските граѓани секојдневно доживуваат тажни моменти, некои поради заболени од Ковид-19 вирусот, а некои за жал губат членови на семејството, но тоа очигледно не го засега Зоран Заев. Инаку, бројките покажуваат дека во Македонија секојдневно во просек умираат над 30 луѓе, а има по 1000 новозаболени, што е крајно поразителен факт.
Зоран Заев наместо да се вразуми и да се откаже од спроведувањето на изборите во Штип и Пласница поради тоа што редовни локални избори ќе има веќе во септември во 2021 година, тој своеглаво го турка изборниот процес и се бори за нова фотеља за своите соработници.
Штипјани велат дека предвремените локални избори се тотално непотребни и најголем дел од нив нема да ги поддржат, односно нема да излезат да гласаат, поради тоа што најважно им е здравјето. За д-р Сашко Николов велат дека се разочарани од неговиот однос како човек кој претендира за градоначалник на градот Штип, поради тоа што неговата работа во моментов е да се грижи за нивното здравје и да ги лечи заболените, а не да гради политичка кариера.