Единиците за внатрешни работи во соработка со Државниот пазарен инспекторат вчера од 10 до 16 часот на подрачјето на СВР Скопје извршија контроли на трговија и употреба на пиротехнички средства.
Како што соопшти МВР, реализирани се контроли на 18 пазари, три паркови, шест трговски центри, 12 крстосници и 13 маркети. Во текот на контролите, Бит-пазар се пронајдени и одземени вкупно: 2532 парчиња петарди, четири парчиња огномет, две петарди-бомба, две парчиња Мр-30 панда, две парчиња тандер флеш и 16 парчиња ракети.
-По преземените дополнителни мерки и активности на наведените локации се констатирани вкупно 43 прекршоци од Законот за заштита на населението од заразни болести за носење на лична заштита на лицето, а од страна на Државниот пазарен инспекторат изречени се две мерки по чл.2 од Законот за трговија на подрачјето на Гази Баба. За време на преземањето на мерките и активностите, лишени се од слобода две лица – Ќ.Ш.(30) по чл.15 од Законот за лична карта и А.А.(23) по распишана телеграма, соопшти МВР.
Министерството информира дека контролите се прават поради наближувањето на новогодишните и божиќните празници и за да се подигне свеста кај граѓаните во врска со опасноста и можните последици кои може да настанат од неконтролирана употреба на пиротехничките средства, од нестручно и невнимателно ракување од малолетни лица, од несоодветно транспортирање и чување.
Контролите се прават и во однос на санкционирање на недозволената трговија од страна на физички и правни лица со пиротехнички средства и други запалливи средства и распрскувачки материјали, без поседување одобрение за тргување, со кои се нарушува мирот и безбедноста на граѓаните и имотот.