Што содржи владиниот нон пејпер кој специјалниот претставник за Бугарија, Владо Бучковски го предаде на бугарските власти пред цели две недели? Зошто наместо одговор и игнорирање на овој документ, кој наводно требаше да ди ублажи бугарските ставови, добиваме само провокации од Бугарија?
Откако владата соопшти дека Бучковски предал таков документ во Софија, логично беше да се очекува од владата да објаснат што пишува во него и што и се нуди на Бугарија. Но, таков одговор македонската јавност нема добиено.
Како што Бугарија молчи и не и дава одговор на македонската влада, така македонската влада молчи и не ја открива содржината. Иако медиумите, опозицијата и експертската јавност ја повикаа владата да одговори зошто донела таков документ во тајност и без консултации и да открие што пишува во него, еве веќе две недели никој не знае што и понудил премиерот Заев на бугарската влада.
Бугарските позиции се јасни и повторени над 100 пати, но и изгласани преку Декларација во бугарскиот парламент, заеднички од сите политички чинители. Бугарија има јасно ставено до знаење дека нема да отстапи од своите барања затоа што има зацртано црвени позиции. Бугарскиот врв постојано повторува дека нема да попушти во однос на барањата за историјата, јазикот, малцинството, а по ново и за придавката „македонски“.
Тоа што не е јасно се македонските позиции и црвени линии. Владата во досегашниот период покажа дека нема никакви цврсти позиции, а нема ниту црвена линија која нема да се премине. Како доказ за тоа се изјавите на премиерот Зоран Заев, но и на специјалниот претставник Владо Бучковски кои постојано ја нагласуваат таа заедничка историја или велат дека ќе се избришат натписите за бугарски фашизам.
Но, доказ е и патоказот кој го очекуваат, односно точките кои Бугарија ќе ни ги зацрта, а ние како држава да ги спроведуваме под маската дека така се спроведува Договорот. Оттаму можеме само да претпоставиме дека нон пејперот може да содржи некакви си отстапки по однос на условите кои ни ги поставува Бугарија.
Нема да е прв пат, а ниту новост дека оваа старо-нова влада ќе попушти во преговори со соседните земји. Тоа го видовме и кога се потпиша Преспанскиот договор со Грција, а и кога се потпиша Договорот за добрососедство и пријателство во Бугарија.
Нема да е новост и дека таквите попуштања би биле без да се прашаат граѓаните, без да се усогласат сите политички чинители, но и без да се консултира експертската јавност. Всушност така и го напишаа и предадоа тој нон пејпер.
И додека власта има големи очекувања од нон пејперот во меѓувреме пристигна второто вето, а не запираат ниту провокациите од бугарскиот државен врв.
Така, најновата провокација ни доаѓа од бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов кој денеска изјави дека Македонците толку си присвојуваат туѓа историја што нема да е чудно и ако кажат дека Исус Христос е Македонец.
Секако дека и оваа провокација ќе помине без реакција од македонската власт, која додека се умилкува во Софија, од Бугарија по нас фрлаат со камења. Така да, од една страна власта додека гледа да му угоди на оној кој не негира, од друга страна не ги известува сопствените граѓани каква судбина им крои и подготвува.