Гасоводот „Балкански поток“ пробно е пуштен во употреба, објавија белградски Вечерње новости.
Во моментов се тестираат автоматиката и контролните системи, се проверуваат диспечерските станици, вентилите, оптиката и напојувањето, со цел да се создадат услови тој енергент од правецот на Бугарија да потече од 30 декември, наведуваат Новости.
Во веста се наведува дека еден од најважните проекти со кој се зајакнува економската и геостратешката позиција на Србија се приведува до крај.
Кога гасот официјално ќе потече низ магистралните српски цевки, од Зајечар до Хоргош, Србија ќе ја подобри енергетска безбедност и се создаваат предуслови цената на гасот да биде поповолна за стопанството и населението, додека земјата ќе биде попривлечна за инвеститорите.
Исто така, Новости потсетуваат дека се планира зајакнување на мрежата, бидејќи е предвидена изградба на секундарен цевковод, со цел да се донесе гас до Владичин Хан, Љубовија, Бајина Башта и на други места.
На почетокот, низ цевките првенствено ќе тече руски гас, но во иднина можно ќе биде снабдување и од други извори.
Гасоводот ќе биде двонасочен, што значи дека Србија ќе добива гас и од Бугарија и од Унгарија.
-Цевките на интерконекторната граница Бугарија – Унгарија наполнети се со гас и во тек се тестирање на сите системи неопходни за сигурно и непречено работење на гасоводот, кој е дел од внатрешниот гасен транспортен систем на Србија, изјави извршниот директор на Србијагас, Душан Бајатовиќ, за „Вечерње новости“.
Според него, гасоводот ќе биде подготвен за оперативна работа на 30 декември, а Србија ќе се снабдува со гас од Бугарија на 1 јануари.
-Ова значи дека можеме со гас да го снабдуваме населението и економијата од правец на Бугарија, што покрај постојната насока од Унгарија сега претставува нови можности, но и поголем степен на безбедност на снабдување на пазарите на Србија, Република Српска и Федерацијата на БиХ. Ова е добра вест за сите потрошувачи, бидејќи и цената ќе биде поповолна, изјави Бајатовиќ.
Српскиот гасовод долг е 403 километри и се протега од Зајечар до Хоргош, а целата работа е завршена за дваесет месеци.
„Вечерње новости“ потсетува дека во план е компресорската станицата во Србија да биде готова во мај следната година, а на Бугарија и останува да заврши уште две станици. Се додава дека во Србија работите на блокот и на мерните станици треба да бидат завршени, а според Министерството за рударство и енергија, сегашниот притисок е доволен и тоа не го попречува пуштањето во употреба на „Балкански поток“.
-Откако компресорските станици ќе бидат во функција, гасоводот ќе работи со полн капацитет и ќе може да снабдува клиенти во Унгарија и Австрија, објаснија од Министерството и посочија дека Србија сега сите потребни количини може да ги добие од оваа насока.
Изградбата на „Турски поток“ започна во мај 2017 година, а на 8 јануари годинава во Истанбул беше пуштена во употреба делница од гасоводот на церемонија на која
присуствуваше српскиот претседател Александар Вучиќ заедно со рускиот и турскиот претседател Владимир Путин, Реџеп Таип Ердоган и премиерот на Бугарија Бојко Борисов.
Должината на гасоводот е 930 километри, со вкупен капацитет од 31,5 милијарди кубни метри гас годишно и тој е поставен по должината на Црното Море од Русија до брегот на Турција, а потоа оди по копно до границата со соседните земји.