Екипата на РК Вардар во недела во Скопје од 17 часот го игра реванш-дуелот од четвртфиналето во ЛШ против Кил. „Црвено-црните“ го добија првиот натпревар на гости со 29-28 и сега преостанува уште еден чекор до пласман на Ф4.
Тренерот на европскиот првак, Раул Гонзалес на денешниот прес пред мечот изјави дека неговиот тим не треба да се опушта и покрај победата во Германија и дека Кил е квалитетен противник.
– Кил има одлични ракометари кои ќе знаат да се снајдат и во Скопје. На првиот меч играа добро 3-2-1, а за нас беше тешко да нападнеме против оваа одбрана. Моите ракометари се подготвени и сакаме уште еднаш да играме во Келн. Сите очекуваат од нас да победиме. Ќе играме под притисок, а свесни сме дека ќе биде тешко бидејќи имаме одличен противник за ривал, вели тренерот на „црвено-црните”.
Капитенот Стојанче Стоилов додаде дека го респектираат својот противник и треба да се заборави што се случило во првиот натпревар, како и да се пристапи на натпреварот како да е 0-0.
– Кил е еден од најдобрите клубови во историјата на ракометот, и имаме респект кон нив. Победивме во Кил, но треба да го заборавиме овој дуел и да почнеме од почеток и на реваншот. На реваншот мораме да тргнеме како да е 0-0 и да се мотивираме бидејќи фајналфорот во Келн е нашата единствена опција, изјави Стоилов.
Поради важноста на натпреварот и големиот интерес ќе има засилени мерки на безбедност. Клубот упати известување за сите што ќе бидат присутни на мечот како да се однесуваат.
Пред главниот влез на салата ќе има поставено и видео бим, забава, музика со ди-џеј се до почетокот на средбата.
Вратите од салата во СЦ „Јане Сандански” ќе бидат отворени во периодот од 15,30 часот, па се до 16,45 часот.
Натпреварот Вардар – Кил е закажан за 17 часот во недела на 29 април во „СЦ Јане Сандански“.
(Миа)