Во Шведска изгледа започна третиот бран од пандемијата, соопшти денеска шведската Здравствена агенција, заострувајќи ги ограничувањата поради неодамнешниот пораст на нови случаи на Ковид-19 и брзото ширење на новите варијанти.
-Се чини дека одиме кон трет бран, рече главниот епидемиолог Андерс Тегнел на прес-конференција.
Тој додаде дека тоа почнува да влијае на интензивната нега.
-Не гледаме драматично зголемување, но не и намалување што го имавме некое време, додаде Тегнел.
Шведската здравствена агенција препорача да се ограничи бројот на луѓе во продавниците, покрај веќе ограниченото работно време на баровите, кафулињата и рестораните и да има построги правила во врска со носењето маски.
Тегнел исто така рече дека неодамнешните студии покажале дека вакцината на „АстраЗенека“ против Ковид-19 е ефикасна за луѓе постари од 65 години и дека Шведска има намера да ја смени препораката да не им се дава на постари лица. (МИА)