сабота, 25. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

„Го Сакам Водно“ и „О2 Иницијатива“ сакаат итна средба со Заев: Бараме решение СЕГА, со закон СЕГА!

„Го Сакам Водно“ и „О2 Иницијатива“ сакаат итна средба со Заев: Бараме решение СЕГА, со закон СЕГА!

Граѓанските здруженија „Го Сакам Водно“ и „О2 Иницијатива“ доставијa барање до Претседателот на Владата, Зоран Заев, за ИТНА СРЕДБА заедно со претставници од Шумарскиот факултет, МЗШВ, УХМР, ЦУК, Агенција за за планирање на просторот.

Во продолжение следува интегрален текст од нивното соопштение:

Причините се што и покрај гласноста и противењето на научната и експертска јавност во тек на јавните расправи, дебати, технички координативни средби при МЖСПП, прес-конференции, издадени негативни мислења од институциите, Министерството за животна средина и просторно планирање на чело со министерот Насер Нуредини одлучија да продолжат со процесот на ре-прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје, но овој пат со многу ниска заштита од V категорија – заштитен предел.

Од МЖСПП се прават слепи и глуви на минатото, но и на сегашноста на Водно и се продолжува со шарадата, кога е крајно време да се прекине. Наместо изготвување на бараниот посебен Закон за Водно, со кој би се изготвила сеопфатна, ИНТЕГРИРАНА заштита на Водно, се продолжува со Одлуката базирана само на еден, многу мал аспект од Водно.

Особено опасен е ставот на МЖСПП дека донесувањето на Одлуката не претставува пречка за подготовка на посебен Закон за Водно, кој откако ќе биде изработен ќе може да ја инкорпорира и донесената Одлука. Причината е што со предвиденото зонирање и предвидените активности се поништуваат огромен број на веќе изработени студии за заштита од ерозија и поплавување. 

Носење на Одлуката за презаштита на Водно и носењето на посебен Закон за Водно не може да одат рака под рака, зошто ќе се во меѓусебна колизија и ќе се поништуваат еден со друг. Или Одлука или Закон. Двете не може.

Ако Владата ја донесе предложената Одлука за презаштита на Водно, но овој пат од V категорија, ќе ја доведе безбедноста на граѓаните на Скопје во опасност, поради не земање предвид на ерозивните процеси на Водно, појавата на свлечишта, опасноста од поројни поплави и пожари. Бидејќи зонирањето кое се наметнува со одлуката не ги зема овие нешта предвид.

За разлика од  построгата и постоечка заштитата која е на сила од 1976, со измени во 1989, 1990, 1991, со која најголемиот дел од Водно е заштитен како предел со посебни природни карактеристики: парк-шума. Водно во својот најголем дел е вештачки пошумено со видови кои претежно не се автохтони. Она што во најголема мера настанало вештачки, се прогласува за природно тогаш, поради постоење на правен вакуум и неопходноста за заштита поради безбедносната улога која ја има пошуменото Водно за град Скопје.

Водно е повеќенаменско, каде на прво место доаѓа безбедноста од поплавување на градот и заштита од пожари, потоа неговата рекреациска улога, еколошката улога за прочистување на воздухот и на крај е заштитата на природното и културно наследство. Неспорен и апсолутен приоритет е безбедносната улога на Водно, која со прогласување на Одлуката за Водно за заштитено подрачје од V категорија ќе се поништи.

За крај, дел од официјално доставеното мислење на Агенцијата за планирање на просторот до МЖСПП, „Прогласувањето на подрачјето со уважување на само еден аспект (природниот, кој за Водно воопшто не е доминантен) и игнорирајќи ги останатите, кои за граѓаните на Градот Скопје значат заштита, безбедност и живот без сериозни закани; значи дека Водно ќе го претвориме во еден простор кој за идните генерации наместо подрачје со мултифункционално значење, ќе се претвори во подрачје со бројни проблеми без решение.“ 

Бараме РЕШЕНИЕ СЕГА, со ЗАКОН СЕГА, а не Одлука која ќе донесе огромен број на проблеми, некои со погубен карактер и можни бројни жртви и огромни штети.

Најнови вести