МТСП целосно и докрај ги почитува и спроведува мерките за заштита кои се наведени од Комисијата за заштита од заразни болести, со цел да се спречи ширење на вирусот, реагираат од министерството на вчерашниот текст на порталот Курир со наслов „МТСП се претвора во кластер од COVID-19“.
Демантот на МТСП го пренесуваме во продолжение:
Во согласност со Одлуката на Владата на Република Северна Македонија донесена на 13.10.2020 година, работниот процес во МТСП од 26.10.2020 до 11.01 2021 година се одвиваше според системот на наизменични ротации на вработените преку еден ден. Во деновите кога вработените не беа присутни на своето работно место, работните задачи ги извршуваа од дома.
Но, со цел да се зголеми ефикасноста и соодветно да се одговори на потребите на граѓаните МТСП од 11.01.2021 година направи промена во организацијата на работата, со тоа што го зголеми присуството на раководните лица во Министерството. Истовремено беше наложено онаму каде што нема услови за одржување на дистанца да продолжи ротацијата преку еден ден.
Министерството за труд и социјална политика, се грижи за обезбедување на социјална сигурност на најранливите категориии граѓани во нашето општество и тоа за материјално загрозени лица, како и обезбедување на помош и поддршка на децата и лицата со попреченост, старите и немоќни лица, децата без родители и родителска грижа. Во време на пандемија ова Министерство презема секојдневни активности за обезбедување на грижа на децата од предучилишна возраст, во дневните центри за лица со попреченост и за згрижените лица во Специјалниот завод Демир Капија, Завод за рехабилитација за деца и младинци–Скопје, Заводот за заштита и рехабилитација Бања Банско.
Оттука, сите вработени во МТСП имаат обврска и одговорност, и во овие услови на пандемија, да им служат на граѓаните и да им излезат во пресрет на сите нивни потреби.
Во оваа насока, непосредно или преку центрите за социјална работа, установите за социјална заштита и во соработка со други установи и институции се преземаат секојдневни мерки со цел на граѓаните да им се обезбеди остварување на нивните права и услуги.
Министертвото за труд и социјална политика ги почитува препораките и насоките на епидемиолозите во однос на вработените коишто биле во контакт со лице заразено од вирусот COVID-19 и коишто имаат сомнеж дека се позитивни на вирусот.
Во интерес на вистината и на објективното информирање, а и во согласност со Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, бараме од порталот Курир да го објави овој демант во ист формат како што беше објавена посочената информација.
Коментар:
Редакцијата на КУРИР досега низа пати побарала одговори и ставови од МТСП за бројни проблеми со кои се соочуваат граѓаните на Република Македонија. Баравме од нив став за проблемот кој го имаат родителите со детските градинки, за мајките со третородено дете, за низа социјални случаи, проблеми на самохрани мајки. Одговор од МТСП немаме добиено!
Бидејќи знаеме дека не одговараат на пораките од нашата редакција, КУРИР и јавно во своите текстови ги повикува да реагираат и да превземат нешто во врска со социјалните стории, да решат некој проблем и да сработат нешто кое е нивна должност. Интерес од нивна страна не видовме.
КУРИР секогаш, во служба на читателите, ќе ги објавува сите проблеми на граѓаните за кои е належно МТСП и ќе се обидува да ја смени незаинтересираноста на институциите.
На сите вработени во МТСП им посакуваме добро здравје и се извинуваме што МТСП го нарековме “кластер“ иако министерството во својот демант не ги негира наводите во текстот кој беше објавен, дека има повеќе заразени.
Ја користиме оваа прилика да апелираме до МТСП, да не ги гледа само вработените во своите канцеларии кои имаат привилегии па цела година не работат секојдневно полно работно време, туку во рамки на своите надлежности, да провери како се третирани и дали се заштитени останатите работници, на пример, во приватните фирми!