АД Електрани на Македонија – Скопје во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас на 2 март, годинава склучил договор за ангажирање на помошна работна рака за технолошко чистење на БТО системите за ПЕ Рудници, РЕК Битола со друштвото за трговија, градежништво и услуги „СВ-инвест“ увоз-извоз ДООЕЛ Битола, пишува Е-магазин.
Вредноста на склучениот договор со вклучен ДДВ изнесува 21.240.000 денари.
Станува збор за фирмата за која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера побара од Обвинителството да провери дали е точно дека е ангажирана за подизведувач во оперативните градежни работи во РЕК Битола.
-Од видео материјалот може да се види дека фирмата „СВ Инвест“ врши превоз на јаглен со товарни возила кои се со јасна ознака на оваа компанија, но се со струмички регистерски таблици. Тоа е така бидејќи сопственик на овие камиони кои се гледаат од видео материјалот не е „СВ Инвест“, туку компанијата „ДГИ Тотал Инжинеринг Струмица“ каде управител и сопственик е лицето Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев, обвини Мицкоски.
Од ЕЛЕМ ги демантираа ваквите обвинувања.
„Фирмата „СВ Инвест“ – Битола никогаш не била ангажирана како подизведувач за транспорт на јаглен во РЕК Битола“, информираа од ЕЛЕМ и нагласија дека тврдењето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е целосно неточно.