По повикот на славниот актер Леонардо ди Каприо, упатен до албанските политичари за заштита на реката Вјоса, реагираа претседателот Илир Мета, лидерот на Демократската партија Љуљзим Баша и претседателката на Движењето за социјалистичка интеграција, Моника Круемади.
Мета, заблагодарувајќи му се на актерот, својот став го пренесе преку објава на Твитер.
-Ние сме одлучни, до 25 април, да не дозволиме, со демократски средства, каква било произволна одлука за изградба на хидроцентрали на реката Вјоса, пишува Мета.
Истото го прават и Баша и Круемади преку Инстаграм.
-И јас поддржувам Национален парк Вјоса, одма сега! Благодарност до Леонардо ди Каприо и сите активисти во заштитата на нашата природа и природни ресурси од рацете на владата. 25 април е битка за Албанија да биде дом за и денес и утре на нашите деца, наведуваат Баша и Круемади.
Светски познатиот актер, во рамки на кампањата што ја води за заштита на река Вјоса, упати апел до албанските политичари да се откажат од изградба на хидроелектрани и ова подрачје да се прогласи за Национален парк.
Преку видеозапис на Инстаграм, Ди Каприо наведува дека Вјоса е најголемата дива река во Европа и е од витално значење за повеќе од 1.100 видови слатководни риби.
Актерот директно им се обраќа на лидерите на лидерите на трите најголеми политички партии во земјата, како и на претседателот на републиката, Илир Мета.