Можеби најголемата легенда во историјата на Ливерпул и еден од најдобрите англиски фудбалери на сите времиња, Стивен Џерард неодамна стана тренер на шкотскиот великан Глазгов Ренџерс.
Ова е прв негов сениорски ангажман како тренер, тој досега беше тренер на тимот на Ливерпул до 18 години, со кои успеа да стигне до финалето на младинската Лига на Шампиони, каде сепак беше поразен од младинскиот тим на Барселона.
Ренџерс оваа сезона беше далеку од својот ривал Селтик, што се покажа и на последното дерби одиграно овој месец, каде новиот тим на Стиви Џи изгуби со 5:0 од зелено- белите.
Како што пишуваат медиумите на Островот, Џерард не сака да троши многу пари и целта му е да донесе слободни играчи.
Оваа најава од Џерард беше доволна за британските медиуми да почнат да пишуваат ѕвездени имиња кои би дошле во Ренџерс, а како најголема ѕвезда се споменува Фернандо Торес, кој потврди дека следната година нема да настапува во Атлетико Мардид. Тој кажа дека желба му е да замине надвор од Европа, но според британските медиуми Џерард ќе се обиде да го убеди да се пресели во Шкотска.
А крајно интересна е и листата која англиските медиуми ја склопија како потенцијални засилувања на Ливерпул, може да се каже дека таму има ѕвезди кои тешко можеа да се замислат во дресот на шкотскиот великан, но сега со новиот тренер се е можно, бидејќи станува збор се за поранешни играчи на Ливерпул, каде што Џерард им беше капитен.
Покрај Торес, тука е и Хавиер Маскерано, кому му истекува договор кој го има со клуб од Кина, друга потенцијална трансфер мета според медиумите би можела да биде Пепе Реина, кој иако има договорен трансфер во Милан, се уште нема потпишано договор, дали ќе успее Џерард да го предомисли ќе видиме. Тука е и Даниел Стариџ, кој има договор на уште една година со Ливерпул, но не е во плановите на Јирген Клоп, како и Џејмс Милнер, за кого има најава дека ќе потпише нов договор со клубот од градот на Битлси, меѓутоа доколку не дојде до такво нешто и тој според англиските медиуми е потенцијално засилување на Ренџерс.
Уште еден играч кој може да дојде е Мартин Шкртел, понатаму доаѓа Макси Родригез, Јуси Бенајун, Рајан Бабел, Глен Џонсон, Чарли Адам, Алберто Аквилани, Мартин Кели, Давид Нгог, Пол Кончески, Емилијано Инсуа, Џеј Спиринг, Андреа Досена…
Сепак тука има и имиња кои претешко може да се замислат во шкотскиот клуб како што се Марио Балотели и Алберто Морено, фудбалери за кои има интерес од многу посилни европски клубови.
Дали ова се само типувања на спортските новинари на Островот или има нешто вистинито останува да видиме во преодниот рок кој доаѓа пред нас.