Сведоци сме на уште една непромислена мерка на Владата на Заев која сака да ја протурка на мала врата, а при тоа не водејќи сметка за домашните производители, туку исклучиво водејќи според интересите на блиските соработници на картелот на власт, стои во денешната реакција на ВМРО-ДПМНЕ.
-Владата на СДСМ и Заев се залага за укинување на царините за увоз на замрзнатото месо, месо кое во минатото во медиумите беше познато по сомнителниот квалитет. ВМРО-ДПМНЕ јавно ги прашуваа креаторите на ваквите погубни политики за македонските производители, дали имаат направено темелна анализа што ова мерка би значела за големите, а особено за малите домашни фарми? Во овие моменти домашните фарми произведуваат 13 милиони килограми квалитетно свежо свинско месо, со кое во целост се задоволува домашниот пазар, па по којзнае колку години стагнација во гранката производителите започнаа да реализираат и извоз, потенцираат од партијата.
Во реакцијата ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека истите производители во моментот се соочуваат со ниски продажни цени, поради намалената побарувачка. Ваквата мерка за увоз на евтино замрзнато свинско ќе создаде дополнителни проблеми при пласманот на стоката на домашните производители со што ќе се уништи најперспективната сточарска гранка која во последните години дава се подобри и подобри резултати преку зголемување на производството и пласманот на странски пазари.
-Намерно или поради неспособност и незнаење Владата на Заев преку ресорните министерства не само што не работи на обезбедување на подобар живот и услови за работа на домашните производители на свинско месо, туку во континуитет создава дополнителни проблеми за сточарите. Предупредуваме дека македонските производители на свинско месо ќе имаат несогледиви последици доколку се укине царината за увоз на свинско месо. Оваа мерка ќе ја наруши рентабилноста на производството што ќе доведе до масовно колење на стоката и драстичен пад на цените. При тоа брз профит ќе имаат одредени поединци од картелот на Заев кои се занимаваат со трговија, а губитници ќе бидат сточарите кои ќе го загубат изворот на егзистенција и граѓаните кои во моментот конзумираат свежо и квалитетно свинско месо, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.