Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска соопшти дека контингентот вакцини на Џонсон и Џонсон, кои се направени за европскиот регион во време кога беше откриена грешка во производството на дози во Балтимор, САД, како мерка на претпазливост, нема да се користи.
ЕМА не соопшти за колку дози станува збор, но западните медиуми наведуваат дека станува збор за неколку милиони дози, што ја спречува американската компанија да ја исполни целта од 55 милиони дози испорачани за Европа до крајот на месецов.
Европската агенција за лекови соопшти дека се свесни оти контингентот вакцини бил контаминиран во април, со мешање со друга вакцина, која се произведува на истото место во Балтимор.
ЕМА додава дека контингентот со оштетени вакцини не бил наменет за ЕУ, а вакцините кои се во употреба во регионот не се контаминирани, врз основа на информациите кои ги поседува.