сабота, 9. март 2024. Вести денес: 0
home Фудбал

Денеска фудбалската репрезентација на Македонија ќе дебитира на ЕП

Денеска фудбалската репрезентација на Македонија ќе дебитира на ЕП

На третиот ден од ЕВРО 2020, дебитантски настап на едно големо фудбалско натпреварување ќе има македонската фудбалска репрезентација. Избраниците на селекторот Игор Ангеловски попладне со почеток во 18 часот, на „Национална арена Букурешт“ во романската престолнина ќе се соочат со репрезентацијата на Австрија.

Во двата досегашни натпревара, Австријците победија со 2:1 во Виена и со 4:1 во Скопје во 2019 година. Сепак, овие резултати од пред две години не ги обесхрабрува македонските фудбалери.

„Имаме негативно искуство со оваа репрезентација, но добро ги анализиравме нивните игри последниот период. Знаеме дека не чека тежок натпревар со една цврста, физички одлично подготвена репрезентација. Но, подготвени сме за надигрување. Онаа победа против Германија донесе самодоверба плус во нашите редови, овие момци се повеќе се свесни за своите квалитети и тоа треба да ни биде дополнителен мотив плус на секој дуел на првенството“, изјави капитенот Горан Пандев на кого му се оствари сонот, кариерата да ја заокружи со настап во репрезентативниот дрес на едно големо натпреварување. На трибините на стадионот во Букурешт се очекува да бидат и околу 3.000 Македонци.

Им посакуваме многу среќа, која сигурно ќе им биде неопходна на „црвено-жолтите“ во обидот да остварат добар резултат на историскиот, прв натпревар на едно Европско првенство.

foto: gol.mk