Колапсот на Кристијан Ериксен на „Паркен“ стадионот во Копенхаген ги фрли во неверица и ги облеа во солзи фудбалските фанови, а најпозитивна вест на вториот натпреварувачки ден на Европското првенство беше онаа која ни потврди дека лекарите успеаја да го реанимираат Данецот на теренот.
Брзата реакција на лекарите и реанимацијата со дефибрилатор го вратија Ериксен во животот и Данецот свесен беше изнесен од теренот, по што пристигнаа и позитивни вести и од болница од каде беше потврдено дека тој е контактибилен и свесен за својата состојба.
Ериксен ќе биде хоспитализиран во болница извесно време и детално ќе се испитува која е причината за неговиот колапс на теренот, но страшната сцена од Копенхаген донесе и еден коментар кој само го потенцира акумулираниот замор кој го имаат фудбалските ѕвезди од Европа.
Асмир Беговиќ како поранешен голман на Челси го привлече вниманието на социјалните мрежи со својата објава, во која на фудбалските власти им порача да престанат со прекумерното организирање натпревари и повеќе да се насочат кон запазување на здравјето на фудбалерите кои претрпеа натчовечки напори во изминатите 12 месеци поради Ковид пандемијата.
– Здравјето и благосостојбата на играчите веќе долго време се игнорира. Организирањето на се повеќе и повеќе натпревари во ваков тежок период ќе доведе само до поголеми здравствени проблеми кај играчите. Се надевам дека луѓето што имаат моќ ќе го сфатат тоа, – порача босанскиот чувар на мрежата кој моментално брани за Бурнмаут.
The health and wellbeing of players has long been ignored. Shoving more and more games in more condensed periods will only lead to bigger health issues for players. Let hope the people in power will take notice at some point.
— Asmir Begovic (@asmir1) June 12, 2021