Фудбалската репрезентација на Македонија испиша нова страница во својата историја, а повторно по кој знае кој пат најзаслужен за големото славје и пласманот на Европското првенство беше нашиот капитен Горан Пандев.
Иако зад себе има одиграно голем број финалиња и има постигнато безброј голови, сигурно, голот за победа над Грузија во квалификациите е негов најдраг во кариерата..
По последниот судиски свиреж на Ентони Тејлор во Тбилиси, есеноска, цела Македонија го славеше големиот успех на фудбалерите, а незаборавно славје имаше и пред куќата на Пандев во Струмица.
Селекцијата предводена од Игор Ангеловски со неговиот погодок се пласира на историско Европско првенство. Струмичанецот беше стрелец на голот во Тбилиси во минималниот триумф над Грузија (0-1).
Ако се прашувавте каде заврши дресот од историскиот натпревар на капитенот Пандев, одговорот го има познатиот музичар Џамбо Агушев. Струмичкиот трубач и неговиот бенд свиреа на дневната прослава со репрезентативците во хотелот, а Џамбо доби посебен подарок од сограѓанинот.
„Големо задоволство и чест ми е што го добив победничкиот дрес како поклон од легендата Горан Пандев. Благодарам царе“, напиша тогаш Агушев на својот Фејсбук профил.
Инаку, Агушев на денот кога Македонија ја победи Грузија прослави со братот на Горан, Сашко Пандев. Тие во струмичка кафеана, со жива музика уживаа во вечерта.
Пандев вечно ќе го памети дуелот во Тбилиси, каде според кажаното му се оствари најголемиот фудбалски сон и следниот јуни ќе ја води Македонија на дебитантски настап на едно големо натпреварување.
Струмичанецот кого го нарекуваат крал на трубата и има светска кариера, Џамбо Агушев, со својот оркестар го забавуваше нашите репрезентативци и направи музички спектакл во хотелот ,,Плаза” во Скопје.
Видео снимки од веселбата се објавуваат на социјалните мрежи, и доловуваат дел од атмосферата, каде главната улога ја имаше капитенот на нашата репрезентација, Горан Пандев.
-Горан го чувствувам за посебно близок, сите од репрезентацијата се цареви! Тој ми го подари својот дрес со зборовите -Од мене за кралот на трубата победничкиот дрес, за победникот на трубата во светот.
Се пееа многу песни, имаше и бакшиш, но искрено, тоа и не ни беше важно, свиревме од срце за нашите лавови, свиревме на нашата Македонија, за историскиот момент и поради тоа што овие момци сите не направија радосни – раскажа тогаш Агушев за Фокус и додаде:
-Ќе ви откријам нешто за Горан, секогаш кога ќе се сретнеме, без разлика која е причината за забавата, тој има само една желба. Редовно бара да му ја отсвирам песната ,,Кажи ми Наде вистината” бидејќи неговата сопруга се вика Наде.
И секогаш со нас ја пее, со многу емоции. И денес ја имаше истата музичка желба, ја порача и песната ,,Едно име имаме”. Овие две песни ги пеевме и по неколку пати, сите беа понесени од атмосферата и заслужија да се радуваат – вели музичарот.