сабота, 20. април 2024. Вести денес: 0
home Вести

ВМРО-ДПМНЕ со политичка стратегија на обединет опозициски блок и порака „Македонија на сите луѓе“

ВМРО-ДПМНЕ со политичка стратегија на обединет опозициски блок и порака „Македонија на сите луѓе“

Македонија на сите луѓе, Македонија се сака со дела, со работа, со жртва за каузата, а не со зборови и лажни ветувања, се само мал дел од пораките кои се испратија вчера од Охрид каде ВМРО-ДПМНЕ го одбележа 31. роденден.

Во своето обраќање претседателот Христијан Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е партијата која секогаш ги водела најтешките битки за својот народ, која имала заслужени подеми, но и заслужени порази.

-Која учела од грешките и како феникс се издигнувала од пепелта, затоа што и била потребна на Македонија. Трпела удари, силни удари, неправди, стигматизации, но никој не може да каже дека не била авангарда, градител на модерните текови, носител на решенијата потребни на луѓето на Македонија. И никој нема право да каже дека не сме се бореле за Македонија. Сме се бореле и ќе се бориме затоа што Македонија е нашето се’, нагласи Мицкоски.

Она што особено остана подвлечено е јасниот став дека потребно е да дојде крај на поделбата на луѓето од прв и втор ред и државата на биде за сите.

-МАКЕДОНИЈА ЗА СИТЕ ЛУЃЕ – тоа е новата политичка стратегија на ВМРО-ДПМНЕ. Светоглед согласно со кој ние ќе дејствуваме. Платформата со којашто ќе допреме до секое срце на секој еден наш граѓанин. Силата која што ќе ги обедини сите искрени и чесни граѓани кои си ја сакаат Македонија и кои сакаат својата иднина да ја градат токму овде, во Македонија. Време е да зборуваме за иднината, да му кажеме на народот што е нашата визија, мојот сон за нашата заедничка Македонија. Време е да се крене земјата од оваа национална и економска девастација. Време е да се победат неморалот, кичот и парадерството. Македонија не е создадена за касти, клики и слоеви. Македонија е на македонскиот народ и сите граѓани кои слободно живеат под ова небо. Затоа нашата борба од денес па натаму, се вика МАКЕДОНИЈА ЗА СИТЕ ЛУЃЕ, потенцираше Мицкоски.

Нагласи дека партијата започнува новитет кој значи ново визуелно ребрендирање. Целта е да се претстави дека секој еден е важен, секој има свои вредности, секој заслужува почит, шанса, простор и дека само на тој начин, а во истовреме здружено со подадена рака може да се дојде до победи.

-Ние се обраќаме кон сите кои своите идеали ги наоѓаат во десниот политички спектар на Македонија и тоа од мекиот центар, до крајната десница. Кои доколку се здружат, ќе нема кој да ги победи. И ќе извојуваат победа за Македонија. Е затоа е Македонија за сите луѓе, рече Мицкоски.

Црвената боја е за срцата, за сите оние со врела крв. Црната за оние кои жалат по Гоцевите идеали и сонуваат да ги поправат последиците, за тешкиот живот. Сите што веруваат во вистинска демократија и се борат за човековите права ќе се пронајдат во жолтата боја. Белата за оние кои веруваат во слободата и кои се борат за иднина, како нов почеток, нова победа, нов успех. Сивата е за обесхрабрените, а аловата светло црвена за младите кои се иднината на оваа земја. Бордото е за оние кои ја бараат правда, правда за себе и правда за Македонија. Портокаловата, за оние кои сакаат да работат, кои знаат да работат.

А знакот на успехот, на штиклираното одобрување, значи потврда за решеност и преданост кон идејата, но и приказ дека сложни никој не може да ги скрши кога се обединети.

-Македонија е за сите луѓе, како што реков, за сите партии, групации и индивидуалци коишто си ја сакаат Македонија, и затоа оваа битка е наша заедничка битка, на сите нас кои сме против мафијата на власт предводена од Зоран Заев и СДСМ. Можеби помеѓу нас има разлики, но она што не обединува е многу поголемо. Македонија тоа го бара од нас, од сите нас. Ја знаете сите онаа важна животна лекција дека една по една прачките полесно се кршат, ама кога се заедно една до друга, здружени, обединети, нема сила којашто ќе може да ги скрши. Туку тие ќе го скршат криминалот и хибридниот режим кои ја притискаат Македонија. Добредојдена е секоја интелектуална и граѓанска сила и партија, било да се оние кои срамежливо одбиваат да одговорат дали ни се приклучуваат или оние кои ни даваат поддршка да одиме до крај. Оваа е заедничка битка и заедничка ќе биде победата. Македонија е многу повеќе од една или две партии, од една генерација или повеќе генерации политичари. Македонија е заедничката покривка околу која сите се обединуваме. Луѓето бараат среќа и поквалитетен живот, луѓето бараат промени, луѓето сакаат да си ја вратат државата. Ќе се избориме обединети, силно и одлучно, нагласи Мицкоски.

Најнови вести