Британскиот министер за здравство Мет Хенкок денеска поднесе оставка, откако во јавноста протекоа фотографии на кои тој се бакнува со соработничка во ходник. Јавноста посебно го критикуваше дека со бакнежот не само што ја изневерувал сопругата, туку ги прекршил анти-ковид правилата за физичко растојание, неопходни за борба против пандемијата на Ковид-19.
Ханкок за оставката денеска го известил и премиерот Борис Џонсон. Во образложението за својата оставка, Ханкок изјави дека е негова должност да им признае на сите луѓе, кои толку многу жртвуваа за време на пандемијата, дека ги изневерил.
Претходно беше фатен од камерата за надзор во моментот кога страсно се бакнуваше со неговата асистентка, додека неговата рака беше под нејзината половина. Жената на видеото е Џин Коледејнџело, која започнала да работи како негова советничка во март минатата година.
Бакнежот наводно се случил во ходникот пред неговата канцеларија во седиштето на Министерството за здравство во Лондон, во мај годинава, на денот на локалните избори во Велика Британија.
Според британските медиуми, Ханкок прво проверил дали ходникот е „чист“ пред да ја затвори вратата од канцеларијата, потпирајќи се на неа за некој да не ја отвори случајно. „Сан“, кој прв објави видео од канцеларијата на Ханкок, тврди дека сите вработени знаеле за неговата афера со соработничката.
Досегашниот министер е во брак 15 години и има три деца.