Индустриско производство, ИТК индустријата, енергетскиот сектор, обновливи избори на енергетика, нови авиолинии за поврзување на туристичките дестинации се потенцијалните точки на соработка кои ги детектираа претставници на Сојузот на стопански комори на Македонија и Стопанската комора на Хрватска кои учествуваа на економскиот форум кој денеска се одржа во Загреб под покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски.
Претседателот Пендаровски во своето обраќање истакна дека во постпандемискиот период е потребен поголем инпут за економскиот развој поради што и особен фокус на неговите активности во делот на меѓународната политика се става токму на економијата.
-Вратите за економска соработка се отвораат, се надеваме дека веќе наредната година и македонската и хрватската економија ќе се вратат на нивото од пред кризата. Ние политичарите сме тука за да ја помогнеме и олесниме соработката, бидејќи за бизнисот важно е и владеење на правото, сведување на корупцијата нa најниско ниво, потенцираше Пендаровски.
Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Данела Арсовска истакна дека се детектира голем потенцијал за зголемување на трговската размена меѓу Македонија и Хрватска која во овој момент бележи тренд на раст, но се уште не е на задоволително ниво.
-Веруваме дека потенцијалот кој го детектиравме во индустриското производство, ИТК индустријата но и во отворање на нови можности за авио поврзување на туристичките центри Охрид, Дубровник и Сплит ќе биде навистина голема можност во пост пандемискиот период да се развие дополнително туризмот кој беше еден од најзагрозените сектори, истакна Арсовска.
Претседателот на Стопанската комора на Хрватска истакна дека од сите политики најважна е економската политика.
-Добро е политичарите да ги отворат вратите, не треба да се нагласува дека имаме многу доби политички односи меѓу двете држави и тоа сите ние треба да го искористиме за да ја подобриме економската соработка која минатата година беше 221 милион долари но која има потенцијал да се зголеми, истакна Лука Буриловиќ, претседател на Стопанската комора на Хрватска, најавувајќи можност за воведување на нови авионски линии со Дубровник и Сплит.
Претставниците на коморите од двете земји дискутираа и за важноста на дигиталната трансформација, иновациите, истражувањето и развојот и се согласија дека во следниот период потребно е да се организираат тематски конференции на кои ќе може да остварат директни контакти деловните субјекти од двете држави.