четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Јанев: Бугарија не одбила 20.000 вакцини

Јанев: Бугарија не одбила 20.000 вакцини

Бугарското Министерство за здравство во моментов разработува план како да се реагира на евентуален нов бран од Ковид-19, изјави привремениот премиер  Стефан Јанев во интервју за неделната емисија за внатрешна политика „Недела 150“ на Бугарското национално радио.

Како што јавува дописникот на МИА од Софија, Јанев во интервјуто коментира дека и покрај тоа што математиката е егзактна наука, тој не им верува на математичарите затоа што не знае какви броеви имаат.

„Не сум сигурен кои податоци ги имаат како почетна точка“, додаде тој, повикувајќи математиката да биде ставена настрана и да се слушаат лекарите.

Според привремениот премиер, лекарите мора да управуваат со медицинската криза.

-Вакцинацијата е важна и граѓаните на Бугарија треба да бидат убедени во потребата од неа. Во моментов бугарските власти ја разгледуваат можноста, кога ќе се изврши целосната вакцинација, луѓето да добиваат ваучери, изјави Јанев.

Тој ги негираше информациите што се појавија во странските медиуми дека Бугарија сакала да одбие 20.000 дози вакцини. „Тоа е текст во западно издание“, искоментира Јанев за тоа дека Бугарија и Романија одбиле по  20.000 дози.

Јанев кажа дека Романија веќе има отфрлено 20.000 дози, но не и Бугарија. Според него, на крајот на август Бугарија може да се соочи со ризик и можност да одбие вакцини, што нема да биде добро.

До крајот на следната недела, Бугарија ќе го претстави својот план за закрепнување на ЕУ, за кој ќе се дискутира, по што ќе биде презентиран на јавна дискусија меѓу бизнисот и граѓаните. Јанев предвидува дека до крајот на јули документот ќе биде претставен во Брисел и првите средства од него ќе бидат достапни од Бугарија есенва.

Премиерот Јанев ја коментираше и желбата на бугарската Влада да се бори против купувањето гласови. Според него, „војната за купен глас е во полн ек“.

-Станува збор за методичка активност на органите за спроведување на законот, кои прават се што е потребно за да се спречи овој грд феномен, што во пракса ја поткопува демократијата и го заменува вистинскиот глас на гласачите, прокоментира Јанев. (МИА)