четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Реал Мадрид нема потрошено ниту едно евро на трансфер 533 дена, последно дојде Бразилецот кој не заигра за првиот тим

Реал Мадрид нема потрошено ниту едно евро на трансфер 533 дена, последно дојде Бразилецот кој не заигра за првиот тим

Реал Мадрид го најави Давид Алаба како прво големо засилување за новата натпреварувачка сезона, играч кој всушност ќе го пополни местото кое го остава празно долгогодишниот лидер во првиот тим и капитен во последните години, Серхио Рамос.

Флорентино Перез и Рамос не успеаја да пронајдат заеднички јазик за продолжување на соработката и цела операција заврши неуспешно и со заминување на фудбалската легенда, по што станува јасно дека во новата сезона, во Реал ќе мора да дојдат до израз нови лидери. Рамос како капитен на извонреден начин го правеше тоа, но Флорентино е убеден дека во актуелниот тим се уште има огромен потенцијал, но и играчи кои можат да ја преземат улогата на водич.

Официјалната промоција на Давид Алаба е закажана по крајот на Европското првенство, но пред да се случи тоа, угледната „Марка“ направи една интересна студија и анализа и откри колку долго Реал Мадрид нема потрошено ниту едно евро на трансфер пазарот, нешто што е незапаметено за „кралскиот клуб“ во новата ера.

Реал нема потрошено пари на играч точно 533 дена, бидејќи последен играч кој беше купен со исплатена отштета е Реинер за кого Перез издвои 30 милиони евра, а кој засега се уште нема официјален настап за првиот тим. Трансферот се случи во јануари 2020-та година, потег со кој Флорентино заокружи една таканаречена „трилогија“ со ангажман на млади Бразилци за која потроши 120 милиони евра (претходно ги донесе Винисиус и Родриго).

Како што стојат работите во овој момент, низата од 533 дена ќе стана уште поголема бидејќи Реал нема да купува ниту еден играч додека не направи мала чистка во првиот тим, а дека може и овој преоден рок да мине без звучно засилување, индиректно најави самиот Перез пред неколку дена, порачувајќи дека до израз треба да дојдат младите сили како Винисиус, Родриго, Феде, Одегард и останатите.

– Ние и натаму имаме фантастичен тим, имаме многу млади играчи кои навистина вредат. Во последните години, имавме одбрана која беше сочинета од Карвахал, Рамос, Варан и Марсело. Сите дебитираа кај нас како 18 и 19-годишни и станаа најдобри во историјата на клубот. Мора да им дадете шанса на младите, мора да ги чувате и да работите со нив, – порача Перез.